Управувањето со правните ризици е клучно за правната сигурност и за инвестициите
Управувањето со правните ризици е тренд во правото, но тоа има и огромна улога во светот на економијата и на инвестициите. За управувањето со правните ризици потребна е едукација од поширокиот општествен контекст затоа што правото не е изолирана професија, беше нагласено денеска на Меѓународната правна конференција „Управување со правни ризици: правни трендови“ – најголемиот правен настан во регионот.
„Правниците не го практикуваат правото изолирано, туку во поширок економски, социјален, политички контекст. Од тие причини е проширена и темата на Конференцијата и за неа ќе говорат адвокати, консултанти, професори и доктор хирург, кој воедно е и супер претприемач“, истакна во својот воведен говор угледниот македонски адвокат Георги Димитров.
Димитров истакна дека управувањето со правните ризици е нова и иновативна тема, особено во европски рамки. „Управувањето со правните ризици е правен тренд, но и иднина на правото“, подвлече Димитров.
Димитров истакна дека иднината на правото и на адвокатурата оди кон два екстреми, едната насока е тотално обезличување на контактот помеѓу адвокатите и клиентите, во согласност со технолошкиот развој, додека пак другата насока е кон градењето на исклучително квалитетен правник како едукативно и психолошки подготвен и силен човек.
„На оваа конференција, покрај главниот тренд – управување со правните ризици, регулираме и други трендови, како што се правните технологии, кои веќе започнаа и да нè заменуваат во работата; го третираме правниот дизајн бидејќи дизајнот е присутен и во правото преку дизајнирање на процесите; се занимаваме и со човечкиот капитал, особено со младиот школуван правник и како тој да влезе во правните процеси“, нагласи Димитров.
Инвестирајте паметно и сериозно сфатете ги акционерските собранија беше темата на излагањето на Ненад Бакиќ, хрватски инвеститор и претприемач од Република Хрватска, со огромно професионално искуство од областа на финансиите и човечките ресурси, еден од најзначајните хрватски филантропи.
Тој во своето предавање нагласи дека правната сигурност е од особена важност за инвестициите, па оттука многу компании ја имаат прифатено деловната филозофија „потребно е да се работи за да се сочува она што се има и потоа да се гради и да се вложува“.
„Во таа смисла, управувањето со правните ризици има значајна улога во инвестициите. Многу корпорации го имаат прифатено начинот на работа според кој вредноста прво треба да се сочува, а најдобро може да се сочува преку инвестиции. За инвестициите, пак, од особена важност е правната сигурност“, истакна Бакиќ.
Проф. д-р Кирил Чавдар, кој на овогодишната конференција на Академик доби признание за правна извонредност, говореше за својата професионална кариера и за предизвиците со кои се соочувал во текот на професионалниот развој како судија, како универзитетски професор и како автор на десетици публикувани изданија од областа на граѓанското право и судската пракса кои и денес се незаменлива алатка за правниците низ цела држава.
„Морам да кажам дека она што го прави Академик сега се ближи кон одлични резултати. Тоа мора да го признаеме. Драго ми е што имаме ваква издавачка куќа која може да ја користат сите правници за да се надградуваат. Мојата страст за правото, мојата ориентација во животот беше да се пензионирам како судија на Врховниот суд. Таа желба ја остварив. Со тоа пензионирање не престана мојата работа, напротив сиот мој писателски опус е остварен по моето пензионирање. Бидејќи оваа конференција е за управување со правните ризици, морам да кажам дека ова е мојата правна ориентација“, истакна професорот Чавдар.
Говорејќи за својот професионален пат, професорот Чавдар посебно се осврна на својата истражувачка работа и на пишувањето на коментарите кои се вистински бестселери во правната фела. За нивното подготвување, подвлече професорот, потребно е многу знаење, менаџирање на времето, но и волја и љубов кон правото.
Адвокатот Георги Димитров, кој му го додели признанието на познатиот професор и судија, истакна дека признанието му се доделува со најголема почит, не само за она што професорот Чавдар го има постигнато во својата професионална кариера, туку затоа што и денес е љубопитен истражувач.
„Професорот Чавдар е перфектен правник. Човек не може да не се восхити на неговата страст за правото“, подвлече Димитров.