„Урбан инвест“ со кривични пријави до градоначалникот Стевче Јакимовски, Општина Карпош со контраобвинување – тврдат дека ја тужат фирмата поради несоодветно однесување
Среда, 20 февруари 2013 – Градежната фирма „Урбан Инвест“ од Кавадарци до Основното јавно обвинителство и до Државната комисија за спречување на корупција поднесе кривични пријави против Општина Карпош и актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски поради како што велат злоупотреба на службената положба. Станува збор за тендер кој го распишала општината за обнова на платото кај „Млечен ресторан“. Од „Урбан Инвест“ тврдат дека го загубиле тендерот, но Општината Карпош со контраобвинување. Велат дека фирмата го добила тендерот, но се однесувала неоговорно по што заработила тужба од општината.
Од „Урбан инвест“ преку соопштение велат дека пријавата се однесува за како што пишуваат коруптивно однесување од страна на општина Карпош и нејзиниот градоначалник Стевче Јакимовски. Според нив, Општина Карпош направила повреда на Законот за спречување на корупцијата. Станува збор за тендер кој го распишала општината за обнова на платото „Млечен ресторан“. На тендерот за избор на изведувач на реконструкцијата на платото учествувала фирмата „Урбан инвест“, но загубиле од друга фирма што понудила пониска цена. Од „Урбан инвест“ појаснуваат дека фирмата што го добила тендерот како изведувач работела непочитувајќи ги пропишаните критериуми односно употребила плочки со пониска цена од договореното.
„Во текот на реализацијата на договорот за јавна набавка од страна на избраната фирма ние увидовме дека има неправилности, односно плочките кои изведувачот ги набавил и вградил не се согласно бараните карактеристики – не се гранитни плочки согласно техничка и финансиска понуда за реконструкција на плато „Млечен ресторан“, туку дека се работи за терацо плочки“, стои во соопштението на „Урбан Инвест“.
„Урбан инвест“ тврдат дека плочките кои изведувачот ги набавил и вградил не се согласно бараните карактеристики, па поради постоењето на разлика во цената помеѓу гранитни и терацо плочки посочуваат дека актуелниот градоначалник овозможил изведувачот да се стекне со имотна корист. Според нив оштетена е не само општината Карпош туку и нивната фирма, па затоа одлучиле да поднесат кривична пријава против актуелниот градоначалник.
По ова се огласија од Општина Карпош со соопштение кое носи наслов „Валкана кампања и реваншизам од Урбан Инвест“.
„Валканата кампања почна. Ова за нас е очекуван потег и ниско ниво на пресметки. Подготвени сме и во наредните 40 дена да се носиме со вакви подметнувања“, со овие зборови од Општина Карпош ги демантираат обвинувањата за корупција од страна на градежната фирма. Се оградуваат дека веќе споменатата фирма ги добила тендерот и ја започнала реконструкцијата на платото кај „лечен ресторан“, но како што велат се однесувала неодговорно и работела со несоодветен стручен кадар.
„Во неколку наврати поради несоодветната динамика во работењето и несериозното однесување при изведувањето на градежните работи, беше повикана на усмени состаноци во Општината, а беше предупреден и во писмена форма. Малтретирањето на жителите на овој дел од Карпош и реакциите беа сосема оправдани и Општина Карпош увиде дека „Урбан Инвест” ДОО не е ни блиску до завршувањето на градежните работи и нема шанси тоа да го стори во предвидениот рок, како и дека голготата на граѓаните и натаму ќе продолжи“, стои во соопштението.
Од Општината Карпош тврдат дека поднеле тужба поради несоодветно однесување и бараат надоместок на штета од „Урбан Инвест“. Кривичните пријави поднесени против нив ги сметаат како реваншизам и политичка дисквалификација од страна на „Урбан инвест“.