/ Прочитано:

1.251

УШКОВСКИ: Во судството нема никакви политички влијанија, ниту, пак, ќе дозволиме да има

Во судството нема никакви политички влијанија, ниту, пак, ќе дозволиме да има такви влијанија во иднина. Ова го истакна новоизбраниот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски, пред почнувањето на седницата на Судскиот совет на РМ на која се разгледуваа годишните извештаи за работата на судовите.

Првиот човек на телото кое е задолжено да ја обезбедува и да ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт не сакаше да ги коментира снимките што ги објави опозицискиот СДСМ, со кои се сугерира директно мешање на извршната власт во изборот на судиите.

„Како член на Судскиот совет, како гласавте за судијката Софија Лаличиќ?“, беше едно од новинарските прашања.

„Јас деновиве од вас медиумите добивам повеќе прашања  за некои содржини за кои не би коментирал дали навистина се автентични, нерелевантни или, пак, се исценирани. Не би го коментирал, сè со цел да се почитува пресумпцијата на невиност, а во исто време евентуалните правни повреди на законот да имаат правна завршница.  Исто така, ве известувам и ве уверувам дека ние во Судскиот совет нема да подлегнеме на никакви политички предизвици кои се наметнуваат, дали од дневнополитички побуди или по други поводи и се надевам дека и вие новинарите ги препознавате таквите цели. Но, ние нема да дозволиме да влијаат врз работата на судството“, рече тој.

„Судиите чесно и  одговорно си ја извршуваат функцијата“

Според Ушковски,  кој уверува дека прв ќе застане во одбрана на правата граѓаните и на враќање на довербата во судството, судиите во Македонија  чесно и одговорно си ја извршуваат функцијата . 

„Јасно и недвосмислено ве уверувам дека ќе бидам прв, заедно со моите колеги, што ќе ги штити честа, угледот и правата на судиите, како и довербата на граѓаните кон судството. Судиите навистина професионално, чесно и одговорно си ја извршуваат својата судиска функција, а тоа навистина се најголемиот број на судии и тоа од сите судови во РМ, како што се покажува и од извештаите за работа на судовите во 2014 година“, рече тој.

Укажувајќи на реформите во судството, рече дека: „патот кој го изодел Советот во имплементација на законите не бил ниту малку лесен“.

„Истиот е долг и тежок и е исполнет со многу предизвици. Исто така, бевме изложени и сè уште сме изложени на многу критики од кои дел се добронамерни, а дел се незаслужни – дека не правиме доволно. Меѓутоа, тоа секогаш ни дава сила, а и сега ни дава уште поголема доверба и верба дека сме на вистинскиот пат“, истакна Ушковски.

Тој посочи дека токму заради обезбедување судска независност, судиите веќе петта година ги добиваат предметите по автоматски пат без, како што рече,  однапред да се знае кај кој судија ќе биде распореден предметот.

„Понатаму, имплементирана е и воведена е достава на писмената по електронски пат. Исто така, воведено е и тонското снимање на рочиштата, а воедно ги имплементиравме и современите законски решенија за побрза, поефикасна судска постапка со кои практично ги скративме роковите на постапката во сите инстанции  на судовите“, нагласи Ушковски и додаде дека  со измената на Законот за судовите условите за избор и за унапредување на судиите се многу построги.

Во врска со прашањата и со коментарите за неговиот избор за претседател, рече дека е еден од членовите со најмногу искуство во Советот, а истакна и дека е автор на првиот прирачник за полагање на правосудниот испит.

„Jaс како претседател  на Судскиот совет, меѓутоа имајте предвид дека Советот има сосема друга надлежност за разлика од судовите, во тој делокруг на работа, по претходниот претседател, имам најголемо искуство како член на Судскиот совет. Воедно, ја користам оваа можност да истакнам дека во 1997 година јас сум еден од авторите на првиот македонски прирачник за полагање правосуден испит, кој поради големата побарувачка имаше и дополнително издание“, рече Ушковски. 

Освен за она што го подготвил за актуелните прашања и критики, кои се однесуваат на судството, Ушковски не одговори на дополнителни прашања  со образложение дека треба да се врати на седницата.

 Лани судовите биле ажурни и ефикасни

„Во текот на 2014 година судовите во Република Македонија работеле ажурно и ефикасно“, е генералната оцена на Судскиот совет, кој денеска ги разгледа и ги оцени годишните извештаи за работата на судовите. 

Според изнесените податоци, судовите ја започнале 2014 година со вкупно 183.174 предмети како нерешени од претходната година.  Во текот на ланската година примени се 497.368 предмети како нови, со што вкупно во сите судови во земјава во работа имало 680.542 предмети.

„Од вкупниот број предмети во работа, судовите успеале да решат 536.985 предмети, така што на крајот на година како нерешени останале 143.557 предмети. Ова, според извештајот на Судскиот совет, значи дека судовите успеале да го совладаат приливот на предмети и да го намалат заостанувањето за 39.617 предмети. Доколку ги споредиме резултатите постигнати во 2014 година со оние од 2013 година, може да се забележи дека на ниво на сите судови во Република Македонија во текот на 2014 година решени се 34.456 предмети повеќе во однос на 2013 година. При ова морам да нагласам дека во извештајниот период имавме висок степен на ангажираност,  како на судиите така и на судско-административниот кадар“, образложи Ушковски.

85 отсто од судскиот буџет отишол за плати

Минатата година за судската власт биле одобрени 1.847.699.000 денари приходи од Буџетот на РМ, 41.972.000 денари како сопствени приходи и 6.606.000 денари како приходи од донации.

„Најголемиот дел од расходите во судството се однесуваат на плати и придонеси на вработените во судската власт, и тоа вкупно 85,32 %. Останатиот дел од Буџетот се однесува на тековните трошоци за работењето на судовите, субвенции, трансфери и капитални расходи“, потцрта Ушковски.


Eлена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 26.03.2015