/ Прочитано:

874

Уште еден самит за клима, уште една година рок: никој не се откажува од својот напредок

Минатиот викенд заврши уште еден самит на Обединетите нации (ОН) за климатските промени. Лима, главниот град на Перу, две недели беше сцена за штимање на светската политика од која се очекува јасно зацртан курс во борбата против климатските промени. Слепата улица, во која моментно се наоѓа меѓународната заедница, отвори простор за минимален компромис, само колку да се оправда свикувањето на собирот. Земјите од Далечниот Исток, пред сè, Индија и Кина, не попуштаат во својата решеност за што поголем просперитет и одбиваат да го напуштат својот статус на земји во развој. Тоа што околу илјада делегати за две недели успеаја да усвојат само обичен Апел за акција, можеби, е и најдобар одраз на многуте тешкотии со кои треба суверено да излезе накрај човештвото.

Останува уште една година до потпишувањето на Спогодбата на ОН во Париз, којашто пред пет години беше осудена на неуспех во Копенхаген. Со неа, до 2020 година, сите држави треба да се обврзат на снижување на обемот на штетните гасови што ги испуштаат во атмосферата. Новиот договор треба да утврди црно на бело како ќе се мери, т.е. како ќе се контролира придонесот на секоја земја во напорите за забавување на климатските промени. Неговите одредби треба да прецизираат како ќе се одвива приспособувањето на климатските промени; каква отштета ќе добијат земјите што се нашле како најпогодени од штетните последици од времето; на кој начин ќе се уреди финансиската рамка за овие потреби. Самитот во Лима остави многу прашања во воздух и уште помалку се знае како ќе се излезе накрај со нив во рок од една година.

Пред Самитот владееше извесен оптимизам. Кина и Соединетите Американски Држави јавно изразија подготвеност да вложат напори во справувањето со климатските промени. Великодушно се полнеа и касите наменети за проекти од овој домен; прашањето што засени сè друго, кое се однесува токму на финансиите, е: „Кој треба да плати за климатските промени?“ Светот моментно доживува преместување на економското тежиште кон Азија. Оттаму, би требало да се земе здраво за готово дека државите, како што се Кина и Индија, треба да понесат лавовски дел од одговорноста и од трошоците за соочување со предизвиците на климатските промени. Нивниот отпор на Самитот беше очекуван: и покрај огромната економска моќ што ја насобраа во последните децении, тие и натаму сакаат да го задржат својот досегашен статус на земји во развој.

Деноноќни битки за испразнети реченици

Заднината на проблемот со земјите во развој е јасна како и парадоксот на сите досегашни самити посветени на климатски промени: токму земјите во забрзан економски развој, како и посиромашните нации, гледаат да ја зграпчат секоја шанса за зголемување на просперитетот и за намалување на сиромаштијата. За таа цел им е потребно многу енергија, и тоа што е можно поевтина. Неа моментно во најголеми количества ја добиваат преку употребата на нафтени горива и на јаглен. Од друга страна, ако бидат присилени да ги напуштат нафтата и јагленот, тоа ќе им донесе огромна економска несигурност и уште повеќе ќе ги оптовари нивните енергетските системи. Така, секој гледа, додека може, да ги задржи системите што веќе се разработени и што колку-толку обезбедуваат економски пораст.

На крајот од Самитот во Лима, нештата се сведоа на нужно спасување на преговорите меѓу спротивставените табори, само колку да не се рече дека процесот се нашол во слепа улица. Крајниот нацрт-договор, како и досега, уште еднаш ја истакнува разликата меѓу индустриските земји и земјите во развој. Сепак, во многу погледи занимлив е моментот дека земјите во развој веќе не се „покануваат“ да земат финансиски удел во процесот, туку дека нивните евентуални придонеси ќе бидат „признати“ во иднина. Токму за оваа значенска разлика во формулациите на декларацијата деноноќно се водеа најголемите битки. На уморните делегати не им преостана ништо друго на крајот освен набрзина да дадат согласност за утврденото, поради што многубројни критериуми и цели останаа нејасни и без конкретна рамка. 

И покрај макотрпниот пат, преку Самитот во Лима почнаа да се оцртуваат контурите на идната сеопшта спогодба на ОН за соочување со климатските промени. На поширокото граѓанство тешко може да му се објаснат овие подробности. Единственото што може и натаму да се подгрева на пошироко рамниште е надежта дека засегнатите страни ќе земат поголем залет наредната година и ќе вложуваат усилби за поголем напредок и надвор од официјалните собири, како што е последната конференција во Перу. Тоа што околу илјада делегати за две недели успеаја да усвојат само обичен Апел за акција, можеби, е и најдобар одраз на многуте тешкотии со кои треба суверено да излезе накрај човештвото. Обединетите нации остануваат и натаму неговиот најголем форум, но и сè почесто ја доведуваат во прашање својата функција.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 15.12.2014