/ Прочитано:

767

Уште една жртва на протестите во Турција

Четврток, 13 јуни 2013 – Демонстрант кој бил повреден во судирите со полицијата, починал во болница со што бројот на жртвите од двонеделните антивладини протести во Турција се зголеми на пет.

Според турскиот адвокат кој ја соопшти оваа трагична вест, починало 26-годишно момче кое било неколку дена во кома откако било погодено во главата со гасна бомба со солзавец за време на протестите во Анкара на 1 јуни. 

Во меѓувреме, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го издаде „последно предупредување“ до демонстрантите да го напуштат паркот Гези во Истанбул.

„Нашето трпение е при крај. Го давам моето предупредување за последен пат“, ја пренесува BBC неговата изјава.

Tурскиот министер за внатрешни работи Муамер Ѓулер, пак, изјави дека е неопходно демонстрантите да се повлечат од паркот Гези во Истанбул и да користат различни методи од сегашните за изразување на барањата.

Ѓулер нагласи дека форматот на сегашните протести акции е неприфатлив.

„Таксим, паркот Гези – тоа се места отворени за посета. Во моментот, луѓето кои се наоѓаат таму им пречат на посетителите слободно да се движат. Во паркот има демонстранти и провокатори. Сите видовме што направија маргинални групи. Таа акција не може да продолжи на тој начин. Треба да се спречи додека не е нанесена поголема штета“, изјави Ѓулер.

Тој додаде дека властите и полицијата се подготвени да преземат мерки за извлекување на демонстрантите од паркот Гези. Ѓулер вети дека во таков случај нема да се преземат мерки со употреба на сила.