Услови за стекнување на право на управување со возило – законски одредби кои стапија во примена
На 8 април 2017 година стапија во примена одредбите од член 272,член 275 и член 276 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои се однесуваат на условите за стекнување на право на управување со возило.
Како што се пропишува во членот 272 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, право на управување со возило може да стекне лице кое ги исполнува следниве услови:
- да наполнило минимум години возраст за возилото утврдени со овој закон,
- да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило,
- да има завршено најмалку основно образование,
- да положило возачки испит за управување со моторно возило од определена категорија и
- со одлука на надлежен државен орган или друг орган да не му е забрането управување со моторно возило или група возила.
Исто така, во член 272 од Законот, се дефинира и минималната возраст за управување со возило за одредени категории. Минималната возраст за управување со возило за одредени категории е:
- 16 години за управување со моторни возила од категориите „АМ“ и „А1“ и националните категории „Ф“’ и „Г“,
- 17 години за управување со моторно возило од „Б“ категорија,
- 18 години за управување со моторно возило од категориите: „А2“, „БЕ“, „Ц1“ и „Ц1Е“,
- 21 годиназа управување со моторно возило од категориите: „А“, „Ц“,„ЦЕ“, „Д1“ и „Д1Е“ и
- 24 години за управување со возила од категориите: „Д“, „ДЕ“ и националната категорија „Т“.
Право на управување со моторно возило од категориите „Ц1“ и „Ц“ може да стекне возач кој најмалку една година поседува возачка дозвола од категоријата „Б“.
Право на управување со моторно возило од категоријата „Д“ може да стекне возач кој најмалку две години поседува возачка дозвола од категоријата „Ц“, а право на управување со моторни возила од категоријата „Д1“ возач кој најмалку две години поседува возачка дозвола од категориите „Ц1“ и „Ц“.
Право на управување со моторно возило од категориите „БЕ“, „ЦЕ“ и „ДЕ“ може да стекне возач кој најмалку една година поседува возачка дозвола од категориите „Б“, „Ц“ и „Д“, а право на управување со моторно возило од категориите „Ц1Е“ и „Д1Е“ може да се стекне возач кој најмалку една година поседува возачка дозвола од категориите „Ц1“ и „Д1“.
Право на управување со моторно возило од „А“ категорија може да стекне возач по навршени21 година кој две години поседува возачка дозвола од категоријата „А2“ или лице со навршени 24 години возраст.
Во член 275 се пропишува дека со трактор може да управува лице кое ги исполнува следниве услови:
- да наполнило 16 години возраст,
- да е здравствено и психофизички способно за управување со трактор,
- да положило испит за управување со трактор или да поседува возачка дозвола од категориите „Б“, „БЕ“, „Ц1“, „Ц1Е“, „Ц“, „ЦЕ“, „Д1“, „Д1Е“, „Д“ или „ДЕ“ и
- со одлука на надлежен државен орган да не му е забрането управување со трактор.
Здравствената и психофизичката способност за управување со трактор се докажува со уверение издадено од здравствена установа овластена од Министерството за здравство.
Во член 276 од Законот се пропишува дека со мобилна машина, трицикл, лесен четирицикл, мотокултиватор, велосипед со помошен мотор и мопед може да управува лице кое ги исполнува следниве услови:
- да наполнило 16 години возраст, за управување со мобилна машина, трицикл, лесен четирицикл, мотокултиватор, велосипед со помошен мотор и мопед,
- да е здравствено и психофизички способно за управување со мобилна машина, трицикл, лесен четирицикл, мотокултиватор, велосипед со помошен мотор и мопед и
- да положило возачки испит за познавање на сообраќајните знаци и правилата на сообраќајот за управување со мотокултиватор, велосипед со мотор и мопед.
Здравствената и психофизичката способност за управување со мобилна машина, трицикл, лесен четирицикл, мотокултиватор, велосипед со помошен мотор и мопед се докажува со уверение и изјава на негов родител односно старател, ако лицето не наполнило 18 години возраст.Уверението го издава здравствена установа овластена од Министерството за здравство.
M.В