/ Прочитано:

1.893

Условите на работното место директно влијаат врз здравјето и безбедноста на работниците

 

Во текот на месец март до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обратиле 14 работници со барање за бесплатна правна помош и за совет во однос на: постапката за заштита од вознемирување на работно место; неисплатена плата и додатоци на плата; непријавена и неплатена прекувремена работа; одредбите кои го регулираат правото на годишен одмор; продолжување на работниот однос по исполнување на условите за старосна пензија во согласност со Законот за работните односи, информираат од Комитетот.

„Една работничка се обрати со барање за бесплатна правна помош поради тоа што по прекинување на работниот однос, работодавачот не ја одјавил од задолжителното социјално осигурување. Согласно член 13 став 11 од Законот за работните односи, доколку работодавачот по престанокот на работниот однос, во рок од осум дена од денот на престанокот на работниот однос, не го одјави работникот од задолжително социјално осигурување, одјава на работникот може да се изврши по барање на работникот врз основа на претходно доставен записник од инспекторот на трудот до Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Работничката писмено побарала записник од страна на Државниот инспекторат за труд – Скопје, но инспекторката која била надлежна за водење на нејзиниот предмет не одговорила на нејзините писмени барања, а во телефонски разговор и лично ја известила работничката дека не постои можност да се издаде таков записник. Од тие причини, Хелсиншкиот комитет ја контактираше инспекторката, по што на работничката ѝ беше доставен записник кој ѝ послужи за одјавување во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. За постапувањата на инспекторката од Државниот инспекторат за труд – Скопје, Комитетот поднесе претставка до Инспекцискиот совет.

Хелсиншкиот комитет за човекови права беше известен од страна на една работничка дека нејзиниот работодавач не ги почитувал обврските предвидени со Законот за безбедност и здравје при работа, па така не ги презел сите мерки неопходни за заштита на здравјето и безбедноста на работничката. Имено, природата на самите работни задачи кои ги вршела работничката негативно влијаеле врз нејзиното здравје и придонеле до трајно нарушување на нејзината здравствена состојба. Наместо работодавачот да ја прераспредели работничката на друго работно место, тој продолжил да издава наредби на работничката да врши работни задачи штетни по нејзиното здравје, иако таа имала и неколку препораки од страна на доктор дека е потребна промена на работното место. Работничката била прераспределена на друго работно место дури по истекот на една година откако за прв пат поднела писмено барање за прераспределување. Во меѓувреме, од страна на работодавачот е покрената и дисциплинска постапка против работничката поради непочитување на усните предупредувања и неизвршување на работните задачи, поради што ѝ е изречена дисциплинска мерка – парична казна. Работничката покрена судски работен спор пред надлежен суд поради изречената дисциплинска мерка, а за постапувањето на работодавачот, Хелсиншкиот комитет поднесе барање за спроведување на вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд со предлог за покренување на кривична постапка против работодавачот“, образложуваат од Комитетот.

Од Хелсиншкиот комитет со препорака: „Работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата. Во рамките на неговите обврски, работодавачот мора да презема мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства. Апелираме до работодавачите да ги преземаат сите мерки за заштита на своите работници, а во случаите кога несоодветните услови директно го загрозуваат и го нарушуваат здравјето на работниците, поради непреземање на доволно безбедносни мерки, го повикуваме Државниот инспекторат за труд согласно своите надлежности да преземе соодветни инспекциски мерки и да иницира кривични постапки против работодавачите.“

Месечен извештај за состојбата со човековите права

М.В