/ Прочитано:

1.024

Условна казна за братучедот на Ратко Младиќ

Четврток, 9 Август 2012 – Одделението за воени злосторства при Апелациониот суд во Белград ја потврди спогодбата меѓу обвинителството и братучедот на Ратко Младиќ, Бранислав Младиќ прифати 1 година затворска казна и 3 години условно. 

Судот во Белград го осуди на 3 години условно и 1 година затвор братучедот на генерал Ратко Младиќ затоа што го криел во својата куќа додека Хашкиот трибунал имаше распишано потерница по него.

Судот воопшто не се занимаше со детали, во одлуката е наведено дека Бранислав сторил кривично дело од неутврден датум во април 2006 до 26 мај 2011 година кога Ратко Младиќ е уапсен во Лазарево. Не е необично што Бранислав го криел својот братучед. Мислам дека ова е добра спогодба затоа што за вакво кривично дело е предвидена затворска казна од 1 до 8 години“, изјави за српските медиуми, адвокатот Весна Момчиловиќ.

Додека во Белград се одлучуваше за судбината на Бранислав Младиќ, поранешниот генерал на војската на Република Српска за десетина дена го чека судење во Хашкиот трибунал. Еден од неговите адвокати на српските новинари им открива пикантерии од времето кога Младиќ бил затворен во куќата кај својот роднина во Лазарево.

„Тој само гледал телевизија и читал книги. Бил запознаен со се што се случува во земјата. На телевија гледал кога полицијата му ја претресува куќата, кога и се судеше на неговата сопруга Босилка поради оружјето што полицијата го пронајде во нивниот дом. Преку телевизија слушнал и за отказот на неговата снаа Билјана и кога поднесов постапка, Младиќ да се прогласи за мртвов. Затоа првиот ден кога ме виде заплака и ми рече дека никогаш нема да може да ми се оддолжи за тоа шти сум направил за него. Подоцна, кога малку се опорави на шала ми рече: „Ти сакаш да ме прогласиш за исчезнат, а ја водиш моја Босилка под рака“, изјави адвокатот Милош Шаљиќ.

Според разговорот на адвокат Шаљиќ со српските новинари, наскоро обвинителството треба да се спогоди и со братот на Босилка Младиќ кој го криел генералот 20 дена во 2006 година, во својата куќа во Моштаници.

Судењето против останатите „јатаци“ на војската на Република Српска продолжува наесен во палатата на правдата во Белград. Нивниот командант Младиќ, на 21 август ќе ги слушне останатите сведоци на обвинителството во хашката судница.