Условна казна за студентот обвинет за учество во толпа што ќе стори кривично дело за протестите по аболицијата
Покрај тоа, Судот донел одлука да му го прекине куќниот притвор на Ефтимов, кој му беше определен веднаш по поднесувањето на кривичната пријава и во кој се наоѓаше повеќе од еден месец.
Денеска Кривичниот суд на студентот Борјан Ефтимов му изрече условна казна во траење од три месеци доколку во рок од една година не стори кривично дело.
Пресудата е донесена врз основа на признанието на Ефтимов кој се товареше за кривично дело учество во толпа што ќе стори кривично дело за учество во насилните протести од 13 април кога беше демолирана Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија.
Покрај тоа, Судот донел одлука да му го прекине куќниот притвор на Ефтимов, кој му беше определен веднаш по поднесувањето на кривичната пријава и во кој се наоѓаше повеќе од еден месец.
Ова е првата пресуда за демонстрант од протестите што започнаа по одлуката за аболиција која ја донесе претседателот на РМ, Ѓорге Иванов.
Во четврток треба да продолжи судењето за членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски – а во петок судењето за Филип Наковски и Никола Аризанов, сите обвинети за кривичното дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Сите четворица сè уште се наоѓаат во куќен притвор.
Рочиштата за нив неколкупати се одложуваа бидејќи Јавното правобранителство ја немаше проценето вкупната штета предизвикана од демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот.
На последното рочиште за Никола и Филип, Јавното правобранителство информираше дека вкупната штета од демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија на протестите на 13 април, според вештиот наод и мислење кој го изработил Бирото за судски вештачења, изнесува 522 илјади денари.
Како што информираше застапникот на Државното правобранителство, вкупното отштетно побарување изнесува 522 илјади денари или 8 500 евра, од кои:
- износот од 232 илјади денари се однесува на причинетата штета на вкупната вредност на предметите според нивната вредност во моментот кога е направена штетата и која е потребна за Канцеларијата да се доведе во првобитната состојба и
- износ од 289 илјади денари проценета штета на вкупната вредност на оштетените и исчезнати предмети.
М. С.
Штетата од демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на РМ изнесува 8 500 евра