/ Прочитано:

1.200

Усогласување на Законот за трговските друштва со ЕУ-директиви

Во собраниска процедура и на дневен ред на Законодавно-правната комисија се измени на Законот за трговските друштва. Целта на предложените измени е усогласување со директиви на Европската Унија.

„Во однос на кодексот за корпоративно управување од членот 20 од Директивата (ЕУ) бр. 34/2013 на Европскиот парламент и на Советот од 26 јуни 2013 година за годишните финансиски извештаи, консолидирани финансиски извештаи и поврзани извештаи за одредени видови претпријатија, за изменување на Директивата бр. 2006/43/EЗ на Европскиот парламент и на Советот и за укинување на Директивите бр. 78/660/EEЗ и 83/349/EEЗ на Советот, во Предлог-законот се воведени одредби според кои надзорниот одбор, односно неизвршните членови на одборот на директори, на акционерско друштвото чии акции котираат на берзата, имаат обврска да обезбедат органот на управување во посебен дел од годишниот извештај за работењето на друштвото  да даде изјава за примена на кодексот за корпоративно управување.

Изјавата за примена на кодексот за корпоративно управување е составен дел на годишниот извештај за работењето на акционерско друштвото чии акции котираат на берзата. Службата за внатрешна ревизија во акционерско друштвото врши следење на усогласеноста на организацијата и дејствувањето на друштвото во согласност со кодексот за корпоративно управување. Доколку органот на управување не даде изјава за примена на кодексот за корпоративно управување, се предлага надлежниот суд да изрече прекршочнa санкциja – глоба, по претходно доставено барање за поведување прекршочна постапка од страна на Комисијата за хартии од вредност.

Во однос доусогласување со Директивата 2005/56/EЗ на Европскиот парламент и на Советот од 26 октомври 2005 година за прекуграничното спојување на друштвата во кои одговорноста на содружниците/акционерите е ограничена, со Предлог на законот се укинува одложената примена на одредбите од Законот за трговските друштва / Десеттата глава, со наслов  ‘Прекугранично спојување со друштва од Европската Унија’ со денот на пристапувањето на Република Северна Македонија во членство на Европската Унија, со исклучок на одредбите за учество на вработените во одлучување во друштвото, за кои се предлага одложена примена, бидејќи истите се во корелација со Законот за европско друштво, објавен во ‘Службен весник на Република Македонија’ бр. 115/2010, кој исто така е со одложена примена со денот на пристапувањето на Република Северна Македонија во членство на Европската Унија.

Воедно, се воведува еднонасочно прекугранично спојување со друштва од земји членки на Европската Унија, односно со друштва од земји кои не се членки на Европската Унија, доколку друштвото кое настанува како резултат на прекуграничното спојување има регистрирано седиште, централна управа или главно место на вршење на неговата дејност во Република Северна Македонија и над истото се применува правото на Република Северна Македонија.

Целосно т.е. двонaсочно прекугранично спојување со друштва од земји членки на Европската Унија, односно со друштва од земји кои не се членки на Европската Унија, ќе започне да се применува со стапувањето на Република Северна Македонија во членство на Европската унија, доколку друштвото кое настанува како резултат на прекуграничното спојување има регистрирано седиште, централна управа или главно место на вршење на неговата дејност во држава членка на Европската Унија, односно во држава која не е членка на Европската Унија и доколку над истото се применува правото на државата членка на Европската Унија, односно правото на државата која не е членка на Европската Унија.

Се предвидува ова законско решение да овозможи, преку спроведување статусни промени со друштва од земји членки на Европската Унија и друштва од земји кои не се членки на Европската унија, влез на странски капитал и инвестиции во Република Северна Македонија“, се вели во образложението на законските измени.

М.В