Успех на студентите од Правниот факултет при УГД на натпревар за постапката пред ЕСЧП

Второ место за тимот на Правниот факултет при УГД на регионалниот натпревар за познавање на постапката и праксата на ЕСЧП и ЕКЧП.

„Во неделата на 27 септември завршија двата финални меча на PreMoot натпреварот во Ниш, за познавање на праксата на Европскиот суд за човекови права и Европската конвенција за човекови права, организиран од страна на Правниот факултет во Ниш и клубот Јустиција.

Нашите натпреварувачи, по четири победи во низа, во саботата се пласираа во финалето токму со клубот Јустиција, кој важи и за европски победник во вакви натпреварувања. Во саботните мечеви извојуваа победа над клубовите на правните факултети од Крагуевац, Ниш и Лукавица (БиХ).

По долги неколкучасовни мечеви, победа извојуваа клубот Јустиција, со само по еден поен разлика во меч, со што нашиот тим го зеде второто место на овој натпревар, кој е од регионален карактер.

Нашите натпреварувачи: Елена Паризова, Благој Милев, Елена Трајковска, Ангела Димеска, Вероника Газепова и Јована Михаилова покажаа одлични познавања на материјата, подготвеност за тимска игра и умешност во одговарање на прашањата, за што и беа пофалени од еминентни практичари и теоретичари од Р Србија во улога на судии.

Особено сме горди на тимот. Препознаваме во нив жестоки практичари, на кои им претстои блескава кариера во областа. Посебна благодарност до Вероника Газепова и Елена Трајковска, кои ја презедоа улогата на помошни тренери.

Нашите честитки ги упатуваме и до организаторите, кои и во услови на пандемија овозможија реализација на натпреварот и хибриден модел на учество (онлајн и со физичко присуство) на сите тимови од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Техниката и далечината не ги спречија за натпреварот да доживее беспрекорна реализација.

Во улога на горди академски тренери на нашиот тим и на клубот A fortiori од  Правниот факултет се проф. д-р Дејан Маролов, доцент д-р Елена Максимова и асс. м-р Наташа Донева“, информираат од Правниот факултет при УГД.

М.В