/ Прочитано:

1.232

УСТАВЕН СУД: Само субјект кој ги исполнува сите законски услови може да врши научноистражувачка дејност во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија

„А со оглед на сериозноста на состојбите, посебно во Скопје, кое е трусно подрачје, мора сериозно да се води сметка кој ќе биде тој субјект што ќе ја врши таа контрола на градбите. Иницијативата всушност не е за тоа дали еден или два субјекти ќе ја вршат контролата, туку зошто да не бидат тоа и поединци. Мислам дека ова е надвор од секоја дискусија, поради сериозноста на прашањето, и сметам дека не треба да се дава можност кој било да се занимава со оваа проблематика“, рече Габер-Дамјановска.

Уставен суд табла на влез

На денешната седница на Уставниот суд беше разгледувана иницијатива која се однесува на Законот за изменување и дополнување на Законот за градење од 2013 година и на тоа кој може да врши процени во областа на заштитата на градбите од сеизмички влијанија.

Подносителот на иницијативата наведува дека Уставниот суд треба да поведе постапка за оценување на уставноста и дека оспорените одредби не се во согласност со повеќе членови од Уставот на РМ.

Судијата известител Вангелина Маркудова рече дека во рефератот е одговорено на сите наводи во иницијативата.

„Од анализата на целината на оспорениот член произлегува дека законодавецот предвидел дека само субјект кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, може да дава позитивно мислење во однос на проектираниот и изведениот степен на механички отпор, стабилност и сеизмичка заштита на одредени видови градби“, рече Маркудова.

Ние сметаме, бидејќи е одговорено на сите наводи во иницијативата, дека оспорената одредба во целина и оспорените одредби во делови, разгледувани од аспект на иницијативата, се во согласност со членовите од Уставот.

Судијата Сали Мурати пак смета дека со оспорените одредби се повредуваат членовите 8, 9 и поточно членот 55 од Уставот на Република Македонија, според кои се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

„Ако се анализира во целина рефератот и оваа проблематика, ќе се види дека се овозможува монополска положба на само еден субјект во РМ, а тоа е Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Со ова сметам дека не се овозможува да има учество на други субјекти и сметам дека треба да се проблематизира оваа одредба“, рече судијата Мурати.

„Во Законот е наведено дека ваква дејност може да врши секој субјект кој ги исполнува законските услови и кој е специјализиран во областа на заштита на градбите од сеизмички влијанија, покрај ИЗИИС. Тоа значи дека не е само ИЗИИС, туку постојат и други субјекти кои можат да даваат вакво мислење, доколку ги исполнат условите“, потенцираше судијата известител Маркудова.

И судијката Наташа Габер-Дамјановска истакна дека се согласува со рефератот бидејќи нема индикација за само еден конкретен правен субјект кој може да ја врши оваа дејност.

„А со оглед на сериозноста на состојбите, посебно во Скопје, кое е трусно подрачје, мора сериозно да се води сметка кој ќе биде тој субјект што ќе ја врши таа контрола на градбите. Иницијативата всушност не е за тоа дали еден или два субјекти ќе ја вршат контролата, туку зошто да не бидат тоа и поединци. Мислам дека ова е надвор од секоја дискусија, поради сериозноста на прашањето, и сметам дека не треба да се дава можност кој било да се занимава со оваа проблематика“, рече Габер-Дамјановска.

По завршувањето на седницата, како што велат од Уставниот суд, уставните судии донеле одлука да не биде поведена постапка за оваа иницијатива бидејќи подносителот погрешно ги толкувал оспорените одредби.

Според Судот, Законот јасно предвидува дека е дозволено формирање на субјект кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, покрај ИЗИИС, но само доколку тој субјект ги исполни законските обврски за да може да врши таква дејност.

М. С.