/ Прочитано:

4.582

Уставни одредби за избор на пратеници и избор на Влада

akad 2

Собрание на Република Македонија

Во Уставот на Република Македонија се пропишува дека Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници. Пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување. Пратеникот не може да биде отповикан. Начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.
Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Влада на Република Македонија

Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите. Владата ја сочинуваат претседател и министри. Претседателот и министрите не можат да бидат пратеници во Собранието. Претседателот и министрите уживаат имунитет. За нивниот имунитет одлучува Владата. Претседателот и министрите не подлежат на обврска во вооружените сили. Функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии. Организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон.

Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

М.В