/ Прочитано:

985

Уставниот суд да има клучна улога во заштитата на уставноста и законитоста

Во Скопје се одржа работната сесија „Реформите во Уставниот суд поврзани со Поглавјето 23“ на третата работна група од Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија.

Во системот на заштита на човековите права и генерално грижата за уставноста и законитоста Уставниот суд, несомнено, има една од најзначајните улоги и мора да си ја преземе улогата на заштитник на Уставот и на уставноста, беше истакнато на денешниот настан, на кој учествуваа експерти, универзитетски професори, судии и адвокати, помеѓу кои и професорката Гордана Силјановска и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска.

Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста. Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите, како и за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженија на граѓани.

Според Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност

Уставниот суд решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт, како и за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа.

„Во Република Македонија дел од проблемите произлегуваат од недостатоците во уставната рамка за работењето на Уставниот суд, но мислам дека тоа не е клучниот недостаток. Особено значајно е покажувањето на личен интегритет од страна на оние кои седат во Уставниот суд“, истакна министерката Рената Дескоска на денешниот настан.

„Очекувам дека во процесот на реформи и желбата за воспоставување на систем на владеење на правото Уставниот суд ќе се однесува согласно стратешката определба на Република Македонија. Еден од клучните проблеми нотирани во дејствувањето на Уставниот суд е тоа дека често пати тој ја имаше маската на политички орган, наместо на неутрален орган, кој ќе го интересира единствено заштитата на Уставот и на човековите права во сферата во којашто им е дадена како право“, истакна Дескоска.

М.В