/ Прочитано:

1.241

Уставниот суд денеска ќе ја донесе конечната одлука за уставноста за распуштањето на Собранието

Собранието заседаваше уште истиот ден, среда, 18 мај, кога беа направени повеќе измени и дополнувања на закони, меѓу кои и на Изборниот законик, со што беа одложени изборите кои беа закажани за 5 јуни.

Уставен суд табла на влез

Како што беше најавено минатата недела, откако Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, денеска се очекува да ја донесе конечната одлука.

Минатата недела уставните судии едногласно донесоа одлука Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија од 18 јануари 2016 година и на Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016 година.

Покрај тоа, Судот изрече привремена мерка, односно донесе Решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката за распуштање на Собранието.

Како што појаснија од Судот, ова значи дека треба да се запрат актите и дејствијата што произлегуваат од овие одлуки.

Собранието заседаваше уште истиот ден, среда, 18 мај, кога беа направени повеќе измени и дополнувања на закони, меѓу кои и на Изборниот законик, со што беа одложени изборите кои беа закажани за 5 јуни.

Судијата известител, Исмаил Дарлишта, при презентирањето на Иницијативата поднесена од пратеникот на ДУИ Талат Џафери, истакна дека Судот веќе еднаш ја разгледувал една од одлуките кои се оспоруваат во Иницијативата, но потенцираше дека ново во Иницијативата е тоа дека се менува датумот на Одлуката за распуштање на Собранието која ја носи Собранието кое веќе било распуштено со претходната одлука. Судот не побарал одговор од Собранието бидејќи тоа веќе било распуштено.

Имајќи го предвид ваквиот исклучок и состојбата во која се наоѓа државата, која е доста специфична и во која органите се наоѓаат во функционална блокада, и подолг период нема разрешница на настанатата состојба, сметам дека Судот треба да направи отстапка, да расправа и да одлучи по оспорените одлуки, рече претседателката на Судот, Елена Гошева.

„Јас, како претседател на Судот и како судија, сега, но не и во иднина, ќе направам преседан, ќе го поддржам предлогот на рефератот и ќе гласам за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените одлуки“, истакна Гошева.