/ Прочитано:

6.180

УСТАВНИОТ СУД ГИ УКИНА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПОМИЛУВАЊЕ: Со него се ограничувало уставното право на Претседателот на РМ

„Со оглед на тоа, општото дефинирање со Закон за кои кривични дела може, а за кои не може да се дава помилување нема никаква уставна основа бидејќи Уставот не се впуштил во општо набројување за кои кривични дела не може да се дава помилување, особено поради неспорната правна основа дека индивидуализацијата е елемент на помилувањето“, стои во образложението.

­USTAVEN SUD 1

Со мнозинство гласови од деветте уставни судии, Уставниот суд донесе одлука за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година. Одлуката треба да стапи на сила со објавување во Службен весник.

При донесувањето на одлуката, судиите го имале предвид дефинирањето на помилувањето во Кривичниот законик, во Законот за кривична постапка и во Законот за помилување.

Мнозинството на судии сметаат дека оспорениот закон предвидува ограничување на Претседателот на РМ при давањето на помилување, така што не може да се даде помилување за лицата осудени за кривичните дела утврдени со измените на Законот, појаснуваат од Уставен.

Во измените, кои сега се веќе укинати, беа опфатени неколку кривични дела за кои Претседателот на РМ не може да даде помилување. Тоа се: кривичните дела против изборите и гласањето, кривичните дела против половата слобода и половиот морал, кривични дела против здравјето на луѓето, кривичните дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и употреба на дроги и кривични дела против човечноста и меѓународното право.

Со Законот за помилување, вклучувајќи ги и измените и дополнувањата, се уредуваат и други прашања кои укажуваат дека остварувањето на помилувањето, како уставна надлежност на Претседателот на РМ, се однесува на правата и слободите на човекот и граѓанинот, има влијание во кривичноправната сфера и поради тоа постои уставна основа, но и потреба од законско операционализирање на ова прашање во делот на постапката во која се одлучува за давање на помилување.

„При разгледувањето на согласноста на Законот со Уставот на РМ, нужно се поставува прашањето дали со одредбите кои се содржани во него се повредува темелната вредност на уставниот поредок, а тоа е поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, еднаквоста на граѓаните и уставното право за давање на помилување на Претседателот на РМ и неговата уставна поставеност“, велат од Уставниот суд.

USTAVEN SUD 6

Од таму наведуваат дека едно од круцијалните објаснувања на решението за укинување е дека уставотворецот не го ограничил помилувањето за конкретни кривични дела, односно со Уставот не се утврдува кои кривични дела може, а кои не може да бидат опфатени со уставниот институт помилување.

„Со оглед на тоа, општото дефинирање со Закон за кои кривични дела може, а за кои не може да се дава помилување нема никаква уставна основа бидејќи Уставот не се впуштил во општо набројување за кои кривични дела не може да се дава помилување, особено поради неспорната правна основа дека индивидуализацијата е елемент на помилувањето“, стои во образложението. Тоа поконкретно значи дека доколку едно лице е помилувано за некое кривично дело, не значи автоматски дека сите лица кои се осудени за тоа кривично дело ќе бидат помилувани, појаснуваат од Уставен.

Владата и Собранието во мислењата за поведување на постапка за укинување на Законот за помилување истакнале дека остануваат на првичниот став испратен до Уставниот суд, односно дека Законот за помилување не е противуставен.

Со укинувањето на Законот се укинува и Комисијата за помилување. Од Уставниот суд велат дека Собранието ќе треба да го уреди ова прашање со друг закон.

„Нашите интервенции претставуваат и апел до законодавецот да си направи измена и дополнителна регулација и прецизирање на Законот“, велат од Уставен.

Уставните судии кои гласале против одлуката за укинување на измените и дополнувањата на Законот за помилување најавиле свои издвоени мислења во однос на иницијативата.

Уставниот суд затворен за новинарите

Спротивно на долгогодишната пракса и без образложение, денешната седница на Уставниот суд беше затворена за јавноста и за новинарите. На медиумските екипи кои утрото сакаа да присуствуваат на седница не им беше дозволен влез во Судот. Иако им беше најавено образложение, тоа не им беше презентирано.

11 novinari ustaven

„Јавноста во работата на Судот на јавната расправа, седницата и подготвителната седница, може да се исклучи ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државна, службена или деловна тајна, заштитата на јавниот морал и во други оправдани случаи што ги определува Судот“, се наведува во членот 85 од Деловникот на Судот.

Но, во соопштението за новинарите, секретарот на Уставниот суд, Оливера Филиповска, рече дека одлуката за затворање на седницата за јавноста ја донела претседателката на судот, Елена Гошева, и не образложи по кои основи од членот 85 претседателката ја направила својата процена.

Филиповска не даде објаснување зошто претседателката одлучила така и дали се консултирала со останатите судии за одлуката.

Уставниот суд уште пред две години донесе одлука за забрана за снимање на седниците на Судот од страна на телевизиските екипи. На седниците може да присуствуваат само новинари.

Уставни права на Претседателот

Член 84 од Уставот на РМ

Претседателот на Република Македонија:

  • го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија;
  •  ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство;
  •  ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
  •  предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија;
  •  предлага двајца членови на Републичкиот судски совет;
  •  именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија;
  •  ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи;
  •  именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
  •  доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
  •  дава помилување во согласност со закон и
  •  врши други функции утврдени со Уставот.

Закон за помилување

Член 1

Претседателот на Република Македонија дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со закони на Република Македонија, согласно со одредбите на Кривичниот закон и одредбите на овој закон.

Закон за изменување и дополнување на Законот за помилување (дел од одредбите кои се укинуваат)

Во Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија” брoj 20/93), во членот 1 по зборот „Кривичниот” зборот “закон” се заменува со зборот “законик”.

По ставот 1 се додаваат три нови ставa 2, 3 и 4, кои гласат:

„Претседателот на Република Македонија дава помилување и за кривични дела пропишани со кривичен закон на друга држава, доколку сторителот е македонски државјанин и казната ја издржува во Република Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или на меѓународен суд, ако тоа е определено со меѓународен договор, или ако постои реципроцитет, или ако санкцијата ја изрече и домашниот суд според Кривичниот законик.

Помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела   против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 60/2006,73/2006, 7/2008 и 139/2008), кривични дела против половата слобода и половиот морал од Глава деветнаесетта од Кривичниот законик сторени спрема деца и малолетни лица,   кривични дела против здравјето на луѓето од Глава дваесет и прва: кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од членoт 215 и кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од членoт 216   и за кривични дела против човечноста и меѓународното право од Глава триесет и четврта од Кривичниот законик.

Претседателот на Република Македонија не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд“.

Член 2

По членот 1 се додава нов член 1-а, кој гласи:

„Член 1-а

Претседателот на Република Македонија со помилување дава ослободување од гонење, или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, ја заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки, или определува бришење на осудата, или ја укинува, односно определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на казната.

Со помилувањето може да се определи укинување или пократко траење на овие казни: забрана на вршење професија, дејност или должност, забрана на управување со моторно возило на сторителите кои се возачи по занимање и протерување на странец од земјата.”

„Член 5-а

Претседателот на Република Македонија со одлука формира Комисија за помилување и го определува составот и бројот на членовите на Комисијата која донесува деловник за начинот на нејзината работа.

Комисијата за помилување при подготвување на предлозите ги има предвид следниве критериуми:

– природата, видот и тежината на извршеното кривично дело,

– личноста на осудениот и неговиот поранешен живот, поведението на осуденото лице по осудата и за време на издржувањето на казната, односот спрема извршеното кривично дело, поранешната осудуваност, постигнатиот степен на ресоцијализација, возраста и здравствената состојба на осудениот и неговите семејни прилики и

– влијанието на актот за помилување врз средината од каде што потекнува осудениот и средината каде што го извршил кривичното дело.“

Марија Севриева