Уставниот суд го објави Прегледот за работата на Уставниот суд на Република Северна Македонија за 2022 година
Како што се наведува во Прегледот, „Уставниот суд на Република Северна Македонија во периодот од 1 јануари 2022 година заклучно со 31 декември 2022 година, во рамките на остварувањето на своите уставни надлежности, одржа 42 седници и 28 работни состаноци.“
„Анализата на вкупните податоци покажува дека вкупниот број на примени предмети во текот на 2022 година – 137, споредено со минатата 2021 година кога биле примени 148 предмети е намален, односно примени се 11 предмети помалку (намален за околу 8 %).
Во текот на 2022 година, од вкупно 137 примени предмети, 69 предмети се однесуваат на оценката на согласноста на законите со Уставот (50,4 %), 60 предмети се однесуваат на оценка на уставноста и законитоста на други прописи и акти (43,8 %), еден предмет се однесува на решавање на судир на надлежност (0,7 %) и поднесени се 7 барања за заштита на слободи и права (5,1 %).
Од вкупниот број на решени предмети во 2022 година – 131, во поголем дел беа оспорени прописи и други општи акти – 64 (48,9 %), во 58 предмети беа оспорени закони или одделни законски одредби (44,2 %), 9 предмети беа барања за заштита на слободи и права (6,9 %) од вкупниот број решени предмети.
Судот ја оценуваше уставноста на вкупно 53 закони или одделни законски одредби од кои најчесто предмет на оспорување беа: Законот за работните односи којшто беше оспорен во 6 предмети, Законот за административни службеници во 5 предмети и Законот за стечај во 3 предмети.“
Целосниот текст на Прегледот за работата на Уставниот суд на Република Северна Македонија за 2022 година може да го видите тука.