/ Прочитано:

1.260

Уставниот суд го објави решението со кое поведе постапка за мораторимуот за градење во Општина Центар

Уставниот суд го објави решението со кое, на иницијатива на  Градежната комора на Македонија и Стопанската комора на Северозападна Македонија, поведе постапка и донесе времена мерка за мораториумот за градење во Општина Центар.

„Во конкретниот случај Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со законите од причина што во законите на кои се повикува доносителот на одлуката, односно Советот на Општина Центар, во нејзиниот правен основ за донесување, никаде не е законски уредена надлежноста советите на општините да можат со своја одлука да го запрат спроведувањето на деталните урбанистички планови коишто ги донеле во законска постапка и кои до донесувањето на оспорената одлука се спроведувале.

Со ваквата одлука Советот на Општина Центар излегол надвор од своите законски надлежности на начин што со своја одлука ги дерогирал Законот за локална самоуправа, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење.

Според Судот, со начинот на кој во конкретниот случај, доносителот на оспорениот акт, Советот на Општина Центар, ги пречекорил своите законски овластувања, тој сериозно ја нарушил правната сигурност на граѓаните, што не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок, член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот – владеење на правото. Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“, се вели во решението на Судот.

Инаку, во врска со решението на Уставниот суд остро реагираа граѓанските организации. Од Иницијативата О2 истакнаа дека Уставниот суд не донел привремена мерка, иако била побарана за четирите детални урбанистички планови во Карпош и иако се нанеле последици што тешко се отстрануваат.

„Едниот ДУП е токму тој каде што никнаа зградите на земјиштето на бивш Имес, за кое беше обвинет ексградоначалникот Стевче Јакимовски за злоупотреба на службената положба. Уставниот суд не донесе времена мерка, иако беше побарана и од Општина Гази Баба и иако донесе тешко отстранливи последици, за ДУП каде што може да се гради Г1-тешка индустрија. Поради недонесена времена мерка се изврши електронско наддавање по втор пат и се даде земјиштето под заем на 99 години на Локо транс.

Уставниот суд го пролонгираше со месеци и месеци носењето на решенијата и на одлуките за деталните урбанистички планови во Карпош, иако ги имаше сите потребни документи и одговори од Општината.

Уставниот суд не ни овозможи, иако побаравме, во согласност со Деловникот, да ги разгледаме списите во нашите предмети.

Поради основаното сомневање за начинот на работење на уставните судии, нивната (не)зависност, застапувањето на одредени интереси, бараме од Државната комисија за спречување на корупција да го испита постапувањето на уставните судии, а Државниот завод за ревизија да изврши ревизија на нивната работа“, посочија од Иницијативата О2.

Од Градежната комора, пак, на прес-конференција истакнаа дека инвеститорите не можат да инвестираат во услови на правна неизвесност, посочувајќи притоа на мораторимуиот на Општина Центар.

Граѓанските активисти реагираат на решението на Уставниот суд за мораториумот во Центар

Градежната комора: Инвеститорите не можат да инвестираат во услови на правна неизвесност

М.В