/ Прочитано:

787

Уставниот суд го отфрли барањето на Гордана Јанкулоска за заштита на слободите и правата

Уставниот суд на Република Македонија го отфрли барањето на Гордана Јанкулоска од Скопје, застапувана од полномошникот Влатко Илиевски, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од членот 110 алинејата 3 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол и политичка припадност во остварувањето на правото на мајчинство и правото на породилно отсуство.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска поднела барање за заштита на слободите и правата од членот 110 алинејата 3 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол и политичка припадност во остварувањето на правото на мајчинство и правото на породилно отсуство.

Според наводите во барањето, судијката Добрила Кацарска, судија во Основниот суд Скопје I Скопје, при вршење на судиската функција како претседател на судечкиот совет за предметот КОК бр. 21/18, во периодот од 01.06.2018 до 03.10.2018 година, во континуитет, на Гордана Јанкулоска ѝ го повредувала уставно загарантираното право на мајчинство, предвидено во членот 42 од Уставот на Република Македонија и правото на породилно отсуство пропишано во член 165 од Законот за работните односи, како резултат на дискриминацијата предизвикана со дејствија на судијата, како претседател на судечкиот совет во конкретниот предмет.

Исто така, образложува понатаму Уставниот суд, во барањето се наведува дека судијката преку дискриминацијата извршила и повреда на правото на правично судење од членот 5 од Законот за кривична постапка и членот 6 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), како и членот 3 и членот 8 од ЕКЧП, членот 5 и членот 46 од Конвенцијата на Совет на Европа за превенција и борба против насилство на жената и семејното насилство; Преамбулата на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жените и членот 12 од Конвенцијата; Преамбулата на Универзалната декларација за човекови права, Преамбулата на Конвенцијата за правата на детето и Препораката бр. Р(2002)5 на Советот на Европа за заштита на жените од насилство.

Повредите биле предизвикани преку закажување на судски рочишта во услови кога Гордана Јанкулоска се наоѓала во ризична бременост со отворено породилно отсуство, како и преку закажување и одржување на судски рочишта во услови кога Гордана Јанкулоска била во постпородилна состојба со двомесечно бебе, со што извршила дискриминација на именуваната по основ на пол и политичка припадност, повредувајќи го на тој начин и членот 9 од Уставот на Република Македонија.

„Имајќи ги во предвид наводите во барањето, како и фактот што подносителот во барањето наведува голем број на дејства на претставникот на судската власт, кој наводно, нечовечки му ги повредиле слободите и правата на подносителот на барањето, според Судот од целината на барањето, несомнено произлегува, дека подносителот на барањето е незадоволен од динамиката, ефикасноста, работењето и текот на кривичната постапка. Поради тие причини, наведеното барање, се сведува на барање Уставниот суд да ја преиспита работата и преземените дејства на Основниот суд Скопје I Скопје, односно Уставниот суд да се стави во улога на инстанционо надлежен суд за оцена на уставноста и законитоста на преземените дејствија од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје и конкретно на претседателот на судечкиот совет, судијата Добрила Кацарска, кои според Судот, вака преземените дејства немаат директен одлучувачки карактер по однос на остварувањето на основните права на барателката во конкретниот кривично-правен предмет, во кој истата има својство на обвинета“, посочуваат од Уставниот суд.

Од друга страна, додаваат од Судот, пак, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на судовите и други државни органи, ниту може да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на нивните одлуки и преземени дејствија. Ова, дотолку повеќе што од увидот во доставената писмена документација се утврди дека по конкретниот предмет е донесена пресуда заведена под IX КОК. бр. 21/2018 од 08.10.2018 година, со која барателката Гордана Јанкуловска е огласена за виновна за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување” од член 353 став 5 в.в. со став 1 в.в. со член 23 од Кривичниот законик и осудена на казна затвор во траење од 6 – шест години.

„Меѓутоа, конкретниот акт, односно пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје не е сè уште правосилна, во смисла на членот 51 од Деловникот и истата не претставува конечен или правосилен акт врз основа на кој може да се бара заштита за сторена повреда на слободи и права, утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, од причина што барањето до овој суд, е поднесено на ден 29.10.2018 година, а наведената пресуда со комплет списите по предметот по изјавена жалба се наоѓа во фаза на жалбена постапка пред Апелациониот суд во Скопје и сè уште истиот не се произнел по жалбата, што значи дека првостепената пресуда не е се уште правосилна што е предуслов, односно процесна претпоставка за да може Уставниот суд мериторно да се впушти во одлучување по поднесеното барање.

Со оглед на тоа што пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје, во која постапка на донесување барателката смета дека со определени дејства на Судот ѝ била сторена дискриминација по основ на пол и политичка припадност, не претставува конечен или правосилен акт во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд, Судот оцени дека во конкретниот случај, не постојат процесни претпоставки за постапување по барањето односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на истото“, се вели во решението на Судот.

М.В