/ Прочитано:

3.763

Уставниот суд го укина член 60, став 3 од Законот за здравствената заштита кој ги ставаше во нееднаква правна положба здравствените установи

Членот 60 од Законот за здравствената заштита се однесува на условите за основање, почнување со работа, вршење здравствена дејност и проширување на дејноста на здравствената установа.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот и сега укинат став 3 од членот 60 не бил во согласност со слободата на пазарот и претприемништвото, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, поради тоа што ги ставала во нееднаква положба лицата кои основаат приватна здравствена установа (ПЗУ) со склучување на договор за закуп на простор во постојните јавни здравствени установи, во однос на оние лица коишто ќе основаат ПЗУ надвор од јавните здравствени установи.

Судот утврди дека според член 60, став 3 од Законот за здравствената заштита, по исклучок од став (1) алинеја 1 на овој член, во случај на основање приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита или формирање нов тим во постојна приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита која дејноста ја врши во простории на јавна здравствена установа врз основа на договор за закуп на простор склучен во согласност со овој закон, избраниот лекар или стоматолог, односно нововработениот доктор на медицина или доктор на стоматологија може самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска, односно стоматолошка сестра во тимот, но не подолго од 24 месеци од основањето на приватната здравствена установа, односно од формирањето на новиот тим, сè додека докторот на медицина или докторот на стоматологија во приватната здравствена установа не го изберат како избран лекар или избран стоматолог 700 пациенти, по што постои обврска да се комплетира тимот.
Со ваквата регулатива, смета Уставниот суд, се доведуваат во нееднаква правна положба здравствените установи кои вршат дејност од примарна здравствена заштита и се повредува уставната гаранција на слободата на пазарот и претприемништвото.

Исто така, се повредува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, која е уставно загарантирана, а се повредува и начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за здравствената заштита кои ги ставаат во нееднаква положба здравствените установи

M.В