/ Прочитано:

2.501

Уставниот суд го укина Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела

Уставниот суд на Република Македонија го укина Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата поднесена од Владимир Клековски од Скопје, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права.

Поаѓајќи од начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, како и од начелата на уставност и законитост утврдени во членот 51 од Уставот, според Судот, основано се постави прашањето дали оспорениот правилник и тарифа можат и понатаму да егзистираат во правниот поредок, имајќи ги предвид наведените измени во Законот за авторското право и сродните права, кои предвидуваат овие акти да се носат во изменета постапка, а исто така, и поради тоа што во Законот се утврдени прецизни рокови за усогласување на подзаконските акти со Законот, кои се одамна поминати.

Поради неприменувањето на утврдените постапки и законската неусогласеност, Уставниот суд смета дека натамошното егзистирање на оспорениот акт во правниот поредок е спротивно на начелото на владеење на правото, поради што оспорениот правилник во целина не е во согласност со Уставот на Република Македонија.

М.В