/ Прочитано:

6.924

Уставниот суд го укина Законот за спречување и заштита од дискриминација

Се укинува Законот за спречување и заштита од дискриминација, соопштија денеска од Уставниот суд.  Во Законот за спречување и заштита од дискриминација беше пропишано дека предмет на законот е уредувањето превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација, како и составот и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Во месец февруари Уставниот суд поведе постапка за Законот за заштита од дискриминација бидејќи бил донесен без потребното мнозинство.

Од наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во конкретниов случај основано може да се доведе под сомнение согласноста на оспорениот закон со Уставот на Република Северна Македонија, односно со член 75 став 3 од Уставот, од причина што истиот, според Судот е донесен без потребното мнозинство предвидено во наведениот член 75 став 3 од Уставот, односно за истиот не гласале 61 пратеник како што исклучиво бара наведениот член од Уставот.

„Имено, од причина што овој закон бил повторно ставен на гласање по претходно даденото вето од претседателот на Републиката, Судот оцени дека во тој случај законот добива поголем легитимитет и истиот треба да се донесе со апсолутно мнозинство гласови како што предвидува член 75 став 3 од Уставот, норма која што според оценката на Судот е императивна правна норма. Ова, дотолку повеќе што и Амандманот X став 1 од Уставот утврдува дека Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, но само ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Во случајов Уставот предвидува посебно мнозинство, а тоа во правната ситуација предвидена во членот 75 од Уставот е апсолутното мнозинство, односно консензус од 61 пратеник, со што само во тој случај би можело да се смета дека законот е полноважно донесен. Но, како предметниот закон е донесен без потребното мнозинство во смисла на член 75 став 3 од Уставот, Судот основано ја доведе согласноста на оспорениот закон со Уставот на Република Северна Македонија“, се наведува во решението на Судот.

Уставниот суд поведе постапка за Законот за заштита од дискриминација бидејќи бил донесен без потребното мнозинство

М.В