/ Прочитано:

1.279

Уставниот суд го усвои Решението за поведување постапка за Законот за помилување и ќе го даде на мислење во Собранието

Откако Уставниот суд ќе го добие мислењето од Собранието, судијата известител, во случајов судијата Никола Ивановски, треба да донесе предлог за одлучување во втора фаза кој ќе биде ставен на дневен ред за конечно одлучување.

USTAVEN SUD 1

Уставните судии денеска го усвоиле текстот на Решението за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.

Уставниот суд треба да го достави Решението до органот што го донел прописот, во овој случај тоа е Собранието, и да му определи рок во кој органот треба да достави одговор, односно мислење за поведување на постапката за оценување на уставноста на Законот.

Според Деловникот на Уставниот суд, рокот за одговор не треба да биде подолг од 30 дена, но од Уставниот суд велат дека можат да достават и друг рок до Собранието во кој очекуваат да добијат одговор.

„Доносителот на прописот не мора да даде одговор, но сепак таа можност постои во Деловникот и ние мора да ја испочитуваме процедурата во целост“, велат од Уставен.

Откако Уставниот суд ќе го добие мислењето од Собранието, судијата известител, во случајов судијата Никола Ивановски, треба да донесе предлог за одлучување во втора фаза кој ќе биде ставен на дневен ред за конечно одлучување.

Според Деловниот, за одржување на јавна расправа одлучува Уставниот суд на седница, при што, покрај учесниците во постапката, ги определува органите и организациите и научните и стручни работници што треба да бидат повикани на расправата.

За одржувањето на јавната расправа се известуваат и средствата за јавно информирање.

ustav.jpg

Јавната расправа може да се одржи откако ќе биде поведена постапка за оценување на уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт.

Од Уставниот суд велат дека нема да има јавна расправа за конкретниот закон бидејќи никој не поднел такво барање.

Откако повторно ќе биде ставена на дневен ред иницијативата, Судот треба да одлучи мериторно дали ќе го укине законот или ќе ја запре постапката.

При првото разгледување на Иницијативата беше прибавено мислење од Собранието, како орган што го донел Законот, во кое беше наведено дека измените и дополнувањата на Законот за помилување се во функција на допрецизирање и усогласување на основниот закон и дека смета дека не треба да се поведе постапка.

Од Судот велат дека секогаш се земаат предвид мислењата на органите кои ги донеле прописите, но тие не се пресудни при одлучувањето.

Измените на Законот за помилување опфаќаат:

„Помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик, кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, кривични дела против здравјето на луѓето, кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, овозможување на употреба на наркотични дроги од и за кривични дела против човечноста и меѓународното право. Претседателот на Република Македонија не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд“, стои во измените од 2009 година.

Покрај тоа, со измените се утврдени постапката за барање за помилување и ингеренциите на Комисијата за помилување при одлучување по барањата.

Уставните судии пред две недели ја прифатија Иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, доставена од адвокат. Петмина од уставните судии гласаа „за“, а четворица гласаа „против“ Иницијативата.

Прифаќањето на иницијативата предизвика протести од страна на невладините организации кои бараат да не се дозволува помилување за изборни нерегуларности и за полов напад врз деца.

М.С.

Уставниот суд изрази сомнеж за уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување