/ Прочитано:

2.046

Уставниот суд изгубен во судските реформи

Уставниот суд на Република Македонија, без какво било двоумење може да се констатира, е најнереформираната институција во Република Македонија,  се нагласува во трудот „Уставниот суд изгубен во судските реформи“ на авторот Денис Прешова, асистент по Уставно право и Политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Трудот е во издание на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Република Македонија и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје.

Почнувајќи од 1991 година, се истакнува понатаму во трудот,  кога врз основа на одредбите од Уставот на РМ се формираше Уставниот суд, до денес оваа институција не претрпела никакви суштински измени, тука исклучувајќи ја уставната интервенција во однос на составот на Судот.

Имено, Уставниот суд, и покрај бројните промени во целокупниот уставен и политички систем во изминативе години, сѐ уште функционира според истите уставни одредби од 1991 година и според Деловникот на Уставниот суд од 1992 година.

Во трудот се посочува дека низ изминатите години постоеле три неуспешни обиди за реформи на уставното судство во Република Македонија, а воедно се констатира и дека сосема легитимно се поставува и прашањето за улогата на Уставниот суд на РМ во светло на започнатите реформи во судството и донесената Стратегија за реформа во правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година, со Акциски план.

Во првичната верзија на Стратегијата, се вели во трудот, повторно беше предвидено проширувањето на предметот на уставната жалба на поголем број права и слободи предвидени со Уставот. Од причини кои не беа докрај образложени, во конечната верзија на Стратегијата не постои ништо поврзано со реформите на Уставниот суд.

„Останува нејасно дали тоа се должи на постоење на намера за донесување на посебна стратегија за ова или не. Во изминатиов период не можеше да се забележи никаква иницијатива од страна на самиот Уставен суд која ќе ја истакнеше потребата од каква било промена поврзана со поставеноста, статусот, надлежноста или некој друг аспект од функционирањето на оваа институција. Со вакво ниво на изолираност на Уставниот суд и комодитет кој го уживаат уставните судии не нѐ ни чуди тоа што нема никакви иницијативи од оваа институција. Функцијата уставен судија често се перципира дека овозможува продолжување на работниот век над општиот законски лимит, мирно дочекување на пензија без преголеми ангажмани во деветгодишниот мандат, или пак доволно време за обмислување и подготвување на следните чекори во остварувањето на личните амбиции за понатамошната кариера во државата или во странство. Поради тоа не смее да се чека на Уставниот суд бидејќи е повеќе од очигледно дека се потребни суштински и добро обмислени реформи во најбрз можен рок“, се констатира во трудот на авторот Денис Прешова.

Конвенционалната перцепција и констатацијата дека уставните судови се институции кои се различни и надвор од редовното судство, никако не смеат да упатат на заклучокот дека меѓу нив нема и не смее да постои некаква поврзаност. Имено, како резултат на ваквата позиционираност на уставните судови многу често се претпоставуваше постоење на дуалитет и паралелизам помеѓу уставните судови, кои имаат ексклузивна надлежност да ја гарантираат уставноста, и редовните судови, кои се задолжени да ја штитат законитоста.

„Но, ваквото видување не само што е спротивно на современите текови во уставното судство туку е спротивно дури и на ставовите на идејниот творец на централизираниот модел на контролата на уставноста, Ханс Келзен. Тој уште од самиот почеток ја предвидуваше поврзаноста меѓу уставните и редовните судови преку постапката на конкретна контрола на уставноста покрената по повод постоечки и тековен судски предмет пред редовните судови“, се вели во трудот.

„Поради тоа, денес не постои устав во Европа кој не ја предвидува конкретната контрола на уставноста, покрај апстрактната, како надлежност на уставните судови. Покрај оваа процедура, многу често е застапена и надлежноста на уставните судови за заштита на правата и слободите преку институтот уставна жалба, односно тужба“, се додава во трудот.

Во правниот поредок на РМ се предвидени двете надлежности и постапки пред Уставниот суд со кои тој може да врши контрола и да влијае врз работењето на редовните судови во насока на заштита на уставноста и на уставните права и слободи.

Но, конкретната контрола и уставна жалба се тотално неефикасни и неефективни. Имено, до Уставниот суд од 1991 година не е пристигната ниту една иницијатива со прелиминарно прашање за уставност на правен акт поднесена од страна на редовен суд по повод постапка која се води пред истиот. Од друга страна, во досегашната пракса Уставниот суд констатирал повреда на уставно загарантирано право или слобода со донесување на одлука во само еден случај.

Постојат повеќе од очигледни причини за воведување на крупни и суштински реформи на Уставниот суд, особено во контекстот на судските реформи. Неколкуте досегашни обиди за воведување на реформи на Уставниот суд беа безуспешни. И покрај тоа што не постои условеност од страна на ЕУ во пристапниот процес, соодветните институции на РМ мора да се водат, пред сѐ, од интересите на граѓаните на РМ и од потребите за подобрување на состојбите во судството.

Последново треба да биде остварено преку унапредување и зајакнување на поврзаноста на Уставниот суд со редовното судство преку двете надлежности и постапки кои се водат пред Уставниот суд – конкретна контрола на уставноста и преку уставната жалба, односно барањето за заштита на слободите и правата. На овој начин ќе се овозможи соработка и контрола над редовното судство која ќе биде насочена исклучиво за доследно почитување на владеењето на правото преку ефективна заштита на уставноста и законитоста и на правата и слободите во РМ.

М.В