По расправата за поднесената иницијатива

Уставниот суд изрази сомнеж за уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување

Уставните судии водеа неколкучасовна расправа во врска со Иницијативата за оспорување на измените од Законот за помилување донесени во 2009 година. Откако неколку судии побараа точката да биде тргната од дневен ред со цел да биде доработен рефератот на судијата известител , Никола Ивановски, и откако тој предлог не беше усвоен, судиите ги искажаа своите аргументи во однос на тоа дали Уставниот суд треба да поведе постапка за оценување на уставноста на измените и дополнувањата на Законот за помилување.

USTAVEN SUD 8

Со пет гласа за и четири гласа против Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на Закон за изменување и дополнување на Законот за помилување. Како што наведуваат од Судот, во оваа фаза најпрво е изразен сомнеж за уставноста на оспорениот закон, а во понатамошниот тек од постапката Судот мериторно треба да одлучи дали ќе ја го прогласи законот за неуставен.

Уставните судии водеа неколкучасовна расправа во врска со Иницијативата за оспорување на измените од Законот за помилување донесени во 2009 година. Откако неколку судии побараа точката да биде тргната од дневен ред со цел да биде доработен рефератот на судијата известител , Никола Ивановски, и откако тој предлог не беше усвоен, судиите ги искажаа своите аргументи во однос на тоа дали Уставниот суд треба да поведе постапка за оценување на уставноста на измените и дополнувањата на Законот за помилување.

Судијата Ивановски, во презентирањето на својот реферат по однос на Иницијативата, истакна дека основниот Закон до 1993 година не прави разлика за кои дела не може да се даде помилување, туку тоа се однесува на сите кривични дела кои се предвидени во Кривичниот законик.

„Она што го прави проблематично ова законско решение од уставна гледна точка е тоа што законодавецот нема уставно овластување да ги уредува овие прашања што се однесуваат на внатрешната организација на работата на Претседателот како еден од органите на државната власт. Самата позиција на Претседателот како дел од извршната власт не може да биде основ за користење на овие услови“, рече Ивановски.

USTAVEN SUD 3

Во Кривичниот законик има 35 глави во кои се наведени сите кривични дела за кои се предвидени казни.

„Според Законот, законодавецот не дал објаснување зошто токму за наведените кривични дела не може да се даде помилување. Да не се разбереме погрешно, општествената опасност од сторителите на овие кривични дека е неспорна. Но, само за 4 глави од 35, не е предвидено помилување. Ова, според мене, е една апсурдна ситуација бидејќи за сите кривични дела може да се дава помилување и не може да се ограничуваат осудените лица за кои кривични дела може или не може да бараат помилување“, рече Ивановски при изнесувањето на својот реферат.

Дел од кривичните дела за кои е предвидено дека Претседателот не може да даде помилување се со многу поблаги казни во однос на некои други дела за кои е предвидено дека Претседателот може да даде помилување, беше уште еден од аргументите на Ивановски

Судијката Наташа Габер-Дамјановска истакна дека рефератот на колегата е некомплетен и поради тоа побарала и одложување на точката на почетокот на седницата. Покрај тоа, судијата експресно ги подготвил рефератот и Иницијативата иако има голем број иницијативи кои нему му се распределени, а чекаат со месеци.

Таа истакна дека воопшто нема правно прашање во рефератот на кое треба да одговори Уставниот суд.

„Во одговорот од Владата се наведува дека тврдењата во Иницијативата се паушални, а во одговорот од Собранието се наведува дека измените и дополнувањата се во функција на допрецизирање и усогласување на основниот закон“, рече Габер.

USTAVEN SUD 6

„Но да го видиме Уставот. . . ‘Претседателот на државата своите права ги остварува преку Уставот и законите’ , односно Претседателот има право на помилување врз основа на закон. Значи, друга надлежност нема предвидено во Уставот, тој препушта сѐ што во основа е регулирано со закон. Значи, воопшто не држи вашето тврдење дека законодавецот нема право да уредува прашања за внатрешната организација и работа на Претседателот на Републиката“, рече Габер-Дамјановска.

„Основниот Закон и измените конвергираат, односно се поврзуваат меѓу себе, а вие ако ги оспорувате измените, по таа логика можете и основниот Закон да го укинете и Претседателот без закон сам да си измислува и да прави што сака во врска со помилувањето затоа што, ете, велите дека не смее да му се меша законодавецот“, додаде судијката.

Судијката Гзиме Старова изрази чудење за брзината на подготвувањето на рефератот бидејќи станува збор за многу чувствително прашање. Иницијативата пристигнала на 5 февруари, распоредена била на 8 февруари, мислењата од Владата и Собранието се добиени на 10 и 12 февруари, а веќе на 24 февруари таа е ставена на дневен ред.

„Но затоа рефератот нема соодветна судска пракса, нема анализа на оспорените одредби, односно на Законот и затоа нема спорно прашање. Што е спорно прашање: Комисијата за помилување или е спорно набројувањето на кривичните дела за кои што не може да се предвиде помилување?“, праша Старова.

„Објаснете ми, како ќе беше уредено правото на Претседателот за помилување доколку не постоеше овој Закон и во услови кога не постои ниту закон за претседател каде што е допрецизирана неговата надлежност, рече Старова.

„Ако е ова спорно и ако го укинеме под образложение дека Комисијата се мешала во работата на Претседателот, имајќи предвид какви сѐ комисии и советници има во Кабинетот на Претседателот, тогаш треба да му ги укинеме и правата на Претседателот за одликување “, рече Старова.

USTAVEN SUD 1

Покрај тоа, потенцираше Старова, Уставниот суд жестоко расправал и за регистарот на педофили со цел, покрај со Законот, жртвите или потенцијалните жртви да можат и лично да се заштитат преку информирање за тоа кои лица се во регистарот.

Елена Гошева, претседателката на Судот, застана на страната на колегата Ивановски и ја поддржи поднесената иницијатива.

„Подготвувачите на рефератот со право констатирале дека не постои основ законодавецот сам да избира за кои кривични дела и какво помилување може да дава Претседателот. Тоа не го прави ниту Уставот. Во конкретниот случај, Законот излегол надвор од рамките на Уставот, односно е во спротивност со членот 8, став 1, алинеите 3 и 4. Уставот предвидел право на Претседателот да помилува и законодавецот не може да го шири или да го стеснува уставнодаденото право по мерка како што законодавецот ќе определува со различни интервенции, законски измени и мешајќи се во уставното право на Претседателот“, рече Гошева и додаде дека оспорениот Закон е спротивен на Уставот и смета дека треба да се поведе постапка за оценување на уставноста.

Судијата Сали Мурати истакна дека со измените, покрај допрецизирање на основниот закон, направено е и терминолошко усогласување на Законот. Тој рече дека ќе беше добро судот да побарал мислење и од Претседателот во однос на поднесената Иницијатива бидејќи се работи за негови надлежности

„Измените се драстични, од Закон што има со 15 члена, се менуваат 13 члена. Сметам дека со измените и дополнувањата се допрецизираат празнините од Законот од 1993 година, се врши и усогласување со другите закони, како и терминолошко усогласување, на пример во основниот Закон е наведено Министерството за правосудство и управа, а во измените тоа се заменува со Министерство за правда. Ако ги укинеме измените, се поставува прашањето: На кој орган ние ќе му се обраќаме кога веќе не постои Министерство за правосудство и управа?“, рече Мурати кој презентираше и меѓународни компаративни искуства како е решено прашањето за надлежностите на Претседателот за помилување.

Иницијативата ја поддржа и судијата Јован Јосифовски

„Лично сметам дека дел од оспорениот Закон е целосно во спротивност со Уставот. Главното прашање е ставот 3 кој не ги става во рамноправна положба сите граѓани затоа што ги издвојува граѓаните сторители на определени кривични дела да не можат да поднесат барање за помилување“, рече Јосифовски.

Измените на Законот за помилување опфаќаат:

„Помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела   против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 60/2006, 73/2006,          7/2008 и 139/2008), кривични дела против половата слобода и половиот морал од Глава деветнаесетта од Кривичниот законик сторени спрема деца и малолетни лица,   кривични дела против здравјето на луѓето од Глава дваесет и прва: кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од членoт 215 и кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од членoт 216   и за кривични дела против човечноста и меѓународното право од Глава триесет и четврта од Кривичниот законик. Претседателот на Република Македонија не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд“.

Покрај тоа со измените се утврдени и постапката за барање за помилување и ингеренциите на Комисијата за помилување при одлучување по барањата.

Иницијативата е поднесена од адвокат.

Марија Севриева