/ Прочитано:

2.333

За Одлуката за распуштање на Собранието со одложено дејство

Уставниот суд ја отфрли Иницијативата и се прогласи за ненадлежен за одложеното распуштање на Собранието

Судија известител за Иницијативата беше судијката Наташа Габер-Дамјановска која во образложението истакна дека Уставниот суд треба да поведе иницијатива бидејќи е надлежен, што произлегува и од одговорот доставен од Собранието со кој не се оспорува надлежноста на Судот, туку само се наведува дека сметаат дека Судот не треба да поведе постапка.

ustaven-sud-6.jpg

Уставниот суд ја отфрли Иницијативата, поднесена од пратеникот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов и од претседателот на Светскиот македонски конгрес, за оценување на уставноста на Одлуката на Собранието на Република Македонија да се самораспушти со одложено дејство.

Освен тоа, Судот се прогласи и за ненадлежен да одлучува за поединечни акти на Собранието како што е оваа одлука.

Судија известител за Иницијативата беше судијката Наташа Габер-Дамјановска која во образложението истакна дека Уставниот суд треба да поведе иницијатива бидејќи е надлежен, што произлегува и од одговорот доставен од Собранието со кој не се оспорува надлежноста на Судот, туку само се наведува дека сметаат дека Судот не треба да поведе постапка.

„Дали постои уставна можност Одлуката за самораспуштање да има одложено дејство. Дали може да се смета дека Собранието е распуштено на 18 јануари 2016 година или на 24 февруари 2016 година со оглед на фактот дека Собранието продолжува со работа во полн капацитет. Дали во периодот од донесување на Одлуката до периодот на нејзиното стапување на сила, со оглед на одложеното дејство, Собранието ќе ги има истите права и надлежности. Дали се повредува Уставот на Република Македонија од членот 63 став 3, во кој е предвидено по 60 дена од распуштање на Собранието да бидат одржани избори, во случај кога се надминуваат овие денови од 24 февруари до 24 април, односно има 61 ден, се само дел од прашањата наведени во Иницијативата“, истакна Габер-Дамјановска во изнесувањето на својот реферат.

Според Габер-Дамјановска, самата Одлука за самораспуштање со одложено дејство е преседан што за прв пат се среќава во земјава, особено што и во претходни изборни циклуси сме имале предвремени парламентарни избори, а Собранието се распуштало во истиот ден кога претседателот на Собранието ги распишувал изборите.

ustav.jpg

Со мислење спротивно на мислењето на судијката Габер-Дамјановска се изјасни претседателката на Судот, Елена Гошева, според која, Одлуката на Собранието претставува поединечен акт кој важи само за тоа Собрание и Уставниот суд не е надлежен да постапува по неа.

„Зборуваме за акт кој не е закон или пропис, туку е поединечна одлука. Дефинитивно не може Уставниот суд да ја прифати оваа иницијатива и да одлучува мериторно за уставност на акт кој не е закон или пропис, туку е конкретен поединечен акт“, рече Гошева.

Според Гошева, во Уставот никаде не постојат одредби со кои би се проблематизирало одложеното дејство на Одлуката и може да се заклучи дека нема уставносудска пракса во која Уставниот суд мериторно одлучувал за комплетен поединечен акт на некој орган на државната власт.

„Одложениот период му дава објективна временска рамка на Собранието да ги заврши неодложните работи во своето функционирање. Во никој случај таа не упатува дека со одложеното дејство распуштањето на Собранието е проблематично, па затоа овој реферат и предлог не може да се потпре на дадената оператива“, рече Гошева и додаде дека според неа, овој реферат е преседан во аналитичко-уставноправното резонирање на Уставниот суд и дека е погрешен и не дава одговор на предлогот што го нуди.

Судијката Гзиме Старова истакна, пак, дека отфрлањето на Иницијативата ќе претставува преседан и на тој начин ќе се дозволи преседанот да биде внесен како нова институција во изборната пракса.

Таа потенцираше дека Иницијативата е во надлежност на Уставниот суд, а своето тврдење го поткрепи и со тоа дека во Уставот никаде нема одредба дека распуштањето на Собранието може да биде со одложено дејство.

Според судијата Сали Мурати, Уставниот суд е надлежен да постапува по оваа Иницијатива.

Тој го поткрепи своето тврдење со мислењето дека никаде не постои одредба ниту закон според кој се определува надлежноста на Собранието во меѓупериодот додека тие и де факто функционираат најнормално и носат полноправни одлуки.

Читајќи го мислењето на Собранието, судијата Исмаил Дарлишта смета дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за ваквата одлука.

Судијата Јован Јосифовски не се изјасни експлицитно дали е Уставниот суд надлежен да постапува по Иницијативата, но истакна дека Одлуката на Собранието е автономна и е поткрепена со закон.

„Собранието го има земено предвид исполнувањето на точките од Договорот меѓу политичките партии како што е донесувањето на законот за медиумите и уште неколку други точки кои треба да бидат донесени пред одржувањето на изборите“, рече Јосифовски.

Иницијативата беше отфрлена со 5 гласа против и четири гласа за.

Собранието донесе Одлука за самораспуштање на 18 јануари со одложено дејство од 24 февруари. Во истиот ден Собранието ја прифати оставката на тогашниот премиер Никола Груевски.

М.С.