/ Прочитано:

4.614

Уставниот суд ја укина забраната за чување куче во зграда или куче што „постојано лае“

Вторник, 2 јуни 2015 – Уставниот суд, на иницијатива на Здружението за заштита на животните „Анима мунди“,  го укина членот 176 од Одлуката за комунален ред на Општина Штип, во врска со оспорената одредба со која им се ограничуваат  правата на  станарите на зграда да чуваат кучиња.

Општината определила да може да се чуваат до две кучиња во едно домаќинство

Во оспорениот член 176 став 1 од Одлуката е определено дека на подрачјето на Општина Штип во круг на едно домаќинство може да се чуваат до две кучиња, под услов да бидат регистрирани во надлежна ветеринарна институција и да бидат редовно вакцинирани.

Забрана да се чуваат кучиња со „со ќуд на постојано лаење и завивање“ и да се чуваат кучиња во згради

Според Одлуката, сопственикот на кучињата „е должен сместувањето и чувањето на кучињата да го уреди на начин што нема да пречи на мирот и спокојството на соседите“. За таа цел во Одлуката е определено, како што се наведува, дека не е дозволено чување кучиња „со ќуд на постојано лаење и завивање“. 

Исто така,  во Одлуката се утврдува дека не е дозволено чување кучиња во згради и во нивните дворови, освен чување кучиња за кои сопственикот има прибавено писмено одобрение на куќниот совет на колективната станбена зграда.

Уставниот суд: Нема уставна и законска основа

„Тргнувајќи од анализата на оспорената одредба од Одлуката произлегува дека Советот на Општина Штип при пропишувањето на посебните услови не се задржал на рамката дадена во членот 12 став 3 алинеја 8 од Законот за комунални дејности (пропишување на посебните услови за чување на домашните миленици во дворните места), туку отишол и понатаму. Во ставот 1 од членот 176 од Одлуката ограничен е бројот на домашните миленици-кучиња, до две во едно семејно домаќинство, што значи пропишување на услови кои се однесуваат на чување на кучињата во семејно домаќинство, а не во дворни места, за што има законски основ. За ваквото пропишување, според Судот, нема овластување ниту во наведениот, ниту во кој било друг закон во Република Македонија кој го уредува прашањето по однос на третманот и бројот на домашни миленици-кучиња кои можат да бидат чувани во едно семејно домаќинство“, се вели во Одлуката на Уставниот суд.

Судот оцени дека општата забрана на Советот на Општината Штип за чување куче кое постојано лае или завива од оспорениот член 176 став 5 од Одлуката, исто така нема законска основа.

Според Судот и пропишувањето на Советот на Општината Штип од членот 176 став 6 од Одлуката, прибавено писмено одобрение на куќниот совет на колективната станбена зграда за чување кучиња во згради и во нивните дворови нема основа во закон.

УСТАВНИОТ СУД НА ИНИЦИЈАТИВА НА АНИМА МУНДИ: Забраните да се чува куче што „постојано лае“ и да се чува куче во зграда немаат законска и уставна основа!

M.В / veljanoskim@akademik.mk