Уставниот суд ќе расправа за Правилникот за снабдување со топлинска енергија
Среда, 22 мај 2013 – Оспорените Правила за снабдување со топлинска енергија денеска се на седница на Уставниот суд. Од Судот не откриваат никакви детали за тоа што покажала анализата на оспорениот Правилник за да не се влијае врз работата на судиите, пишува „Дневник“.
Инаку, расправата на Уставниот суд доаѓа во период кога компанијата „Балкан енерџи“ почна да испраќа опомени пред тужби до исклучените станари за неплатени сметки. „Дневник“ веќе пишуваше дека сметките за исклучените корисници од парното греење може да паднат на суд, а компанијата не може да ги тужи неплаќачите бидејќи нема склучено договор со нив. Ова го тврдеа експерти по облигационо право и извори од Регулаторната комисија за енергетика, која лани летото го донесе спорниот Правилник, според кој и исклучените корисници треба да плаќаат фиксен износ. Соговорниците потенцираа дека според Законот за облигациските односи во овој случај нема договорно-доверителен однос меѓу снабдувачите и станарите. Според нив, за да платат, граѓаните треба да добијат некаква услуга од компанијата, а исклучените имаат решение за прекин на меѓусебните односи, со што обврската за плаќање на фактурата за услугата престанала. Инаку, Правилата беа оспорени пред Уставниот суд уште минатата година со две иницијативи, на либерално-демократската партија (ЛДП) и на Стамен Филипов, рекордерот по број на поднесени и прифатени иницијативи пред Судот.