/ Прочитано:

1.094

УСТАВНИОТ СУД ЛАНИ ДОНЕЛ САМО 11 ОДЛУКИ ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЗАКОНСКИ ОДРЕДБИ – „Вие, според нашите одлуки, ценете дали се добри законите“, вели Гошева

Од вкупно 193 предмети, кои Уставниот суд ги завршил во 2014 година, само во 23 предмети била донесена одлука за поништување или за укинување на закони или други прописи. Граѓаните и натаму се најмногубројните подносители на иницијативи, а законите и натаму – најоспоруваните акти. Од 98 иницијативи со кои биле оспорени закони, само 11 завршиле со одлука за укинување. „Вие, според нашите одлуки, ценете дали се добри законите“, беше одговорот на претседателката, Елена Гошева, на новинарско прашање на денешната прес-конференција за генералниот впечаток на Судот за квалитетот законите. Судиите уверуваат дека не работат под политички притисок ниту на власта, ниту на опозицијата.

„Уставниот суд во 2014 година постапуваше по вкупно 299 иницијативи, од нив 173 беа примени во 2014 година, а 126 беа пренесени како незавршени од претходната година. Од сите, во 2014 година Судот заврши 193, а 106 иницијативи останаа незавршени. Најголем број иницијативи, или 143, се поднесени од граѓани, а останатите се поднесени од други правни лица “, го презентираше Извештајот за работата на Уставниот суд, претседателката  Елена Гошева.

Според видот на актот на кои се однесуваат иницијативите, најголем број иницијативи, или 98, се однесувале на закони. Со одлука за укинување завршени се 11 иницијативи, во 63 иницијативи Судот не нашол основа за поведување на постапка, 31 ги отфрлил со решение, во 2 случаи постапката е запрена, а во 1 е завршена по административен пат. Како поспецифични примери за чии оспорени одредби не беше поведена постапка од страна на Уставниот суд, а кои предизвикаа бранувања во јавноста ќе останат запаметени: Законот за прекинување на бременоста (абортус), Законот за финансиска дисциплина, Законот  за  граѓанска одговорност за навреда и клевета итн.

Според претседателката на Судот, бројот на интервентни одлуки е релативно мал бидејќи немало основа за уставно проблематизирање на законите.

„Би сакала посебно да укажам дека подносителите на иницијативите бараат Судот да се впушта во оцена на целисходноста на законските решенија, што не е негова надлежност“, истакна таа.

Иако изминатиов период во Собранието се донесени бројни закони по скратена постапка без опозицијата, Гошева не сакаше да го коментира нивниот квалитет, ниту, пак, да го изнесе генералниот став на Судот.

 „Вие, според нашите одлуки, ценете дали се добри законите“, одговори таа на новинарско прашање.

Анализата на вкупните податоци покажува дека вкупниот број примени предмети во текот на 2014 година е незначително зголемен во однос на претходната година, кога изнесуваше 170 предмети.

Сите барања за заштита на слободите и правата завршиле како одбиени или отфрлени

Во текот на 2014 година Уставниот суд решил 16 предмети за заштита на слободите и правата. И тоа: 2 одбил, а останатите 14 предмети ги отфрлил поради ненадлежност или поради постоење процесни пречки за одлучување. Најголем број, 7, се однесувале на заштита од дискриминација.

Едно од барањата, кои се одбиени бидејќи  Судот не нашол дека е сторена повреда на правото на јавно изразување, е барањето на новинарите за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот по нивното исфрлање од собраниската сала на 24 декември 2012 година, т.н. „црн понеделник“.

„Физичкото отстранување на новинарите од галеријата на собраниската сала што го налагала конкретната ситуација  на ескалација на хаосот и безредието во салата имало за цел да ги заштити  нив и да обезбеди ред во салата, а не да ги оневозможи  во вршењето на нивната дејност – информирање на јавноста и да им ја ограничи слободата на изразувањето“, одлучи тогаш Уставниот суд.

Другото, пак, е од претседателот на НСДП, Тито Петковски, а се однесува на одлуката на Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје со која му беше досудено на премиерот Никола Груевски да му плати отштета од 12.000 евра за изречена клевета. Петковски во своето барање побарал заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата, за кои смета дека му биле повредени со пресудите.

„Судските пресуди со кои е санкционирано изнесувањето на невистини и штетни квалификации за честа и угледот на оштетениот во јавноста и со која е направен баланс помеѓу правото на слобода на изразување и правото на заштита на достоинството и угледот на секој граѓанин, не може да се прифати како неоснована повреда на слободата на јавно изразување“, беше образложението на Уставниот суд.

Според Гошева, Уставниот суд успешно се справува со заштитата на човековите права.

„Во рамките на надлежностите предвидени во Уставот на РМ Уставниот суд се справува успешно во заштита на човековите права, а со носењето на новите уставни амандмани тогаш ќе ги работи и тие права кои досега не се опфатени“, истакна таа на денешната прес-конференција.

„Судот е независен и одлучува според личното убедување на судиите“

„Немам информација дека некој од колегите или, пак,  јас сме изложени на политички притисоци, одговори Гошева на новинарското прашање дали имаат притисоци од власта или од опозицијата.

Таа ги отфрли шпекулациите дека пред одржувањето на седницата дел од судиите се договараат како да гласаат за одреден предмет.

„На вакви прашања не можам да дадам одговор. Како можат да се договараат кога на секоја седница се гласа јавно. Немам одговор на вакви прашања. Судот е независен и одлучува според личното убедување на судиите на денот на седницата“, рече Гошева.

Гошева не сакаше да ги коментира разговорите коишто ги објави опозицијата во неделата, во коишто се слуша дека наводно премиерот Никола Груевски во разговор со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, вели дека иницијативата на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, за спорниот Детален урбанистички план ќе биде отфрлена или, како што вели Груевски, ќе падне на Уставен.

На новинарско прашање дали Уставниот суд по примерот на некои од редовните судови, можеби спровел анкета за довербата на граѓаните во органот кој е должен да ја штити уставноста и законитоста, Гошева одговори:

„Ние немаме таков проблем за да спроведеме таква анкета, а вие ако имате, спроведете ја“.

Судијката Габер-Дамјановска со најмногу издвоени мислења

Судијката Наташа Габер-Дамјановска, која лани имаше над 10 издвоени мислења, меѓу кои за одредбите од законите за абортус, за финансиска дисциплина и  за барањето на новинарите за заштита на слободите и правата, вели дека држи до заклетвата дадена пред граѓаните на Република Македонија.

„Последните години мислам дека Судот не е подложен на политички притисоци, па и јас. Во однос на моите издвоени мислења, јас се држам до мојата заклетва дадена пред граѓаните на Република Македонија и пред Собранието дека одговорно и совесно ќе ја вршам својата функција, во согласност со Уставот и со законите и јас ги гледам така предметите. Но онаму каде што сметам дека предметите не се сообразни со Уставот и со законите јас го издвојувам тоа како мислење. Во последно време зачестија таквите издвоени мислења, тоа вие убаво го знаете, но конкретно врз себе не сум почувствувала притисок“, рече таа, појаснувајќи дека има и други судии кои гласаат против и кои пишуваат издвоени мислења.

Судијата Владо Стојановски исто така вели дека нема политички притисоци при одлучувањето.

„Во однос на тоа дали има политички притисок, се разбира дека нема. Се разгледуваат иницијативите и независно кој е судија известител, потоа се води расправа и се дебатира. Се гласа според сопствено убедување и според надлежноста дадена со Уставот на РМ“, истакна Стојановски.

Без коментар за забелешките во Извештајот на ЕК

Составот на судиите, пристрасност и пролонгирање на донесувањето одлуки се дел од забелешките нотирани во  Извештајот на Европската комисија за напредокот на РМ во 2014 година.

Гошева, која не ги коментираше овие забелешки, единствено посочи дека  за составот не одлучуваат тие.

„Тука никој не може да влијае на составот“, потенцираше таа.

Уставните судии сѐ уште немаат одлучувано по иницијативата за укинување на екстерното тестирање на факултетите, иако оваа одлука на Владата предизвика големи протести. 

Сепак, Гошева вели дека не калкулираат и дека секоја иницијатива кога ќе стигне во Уставниот суд се распределува во работа на судија и државен советник и додека не сметаат тие дека се исцрпени сите потребни податоци за решавање на таа иницијатива, таа не се става на седница. „Нема рокови за одлучување. Судијата проценува кога ќе бидат собрани сите информации таа да биде ставена на дневен ред. Секоја иницијатива си бара потребно време за одлучување и не може на некоја иницијатива да ѝ се дава приоритет. Некои се решаваат и за два месеци, но некои и подолго“, рече Гошева.

Буџет од половина милион евра

Гошева информираше дека Уставниот суд лани работел со буџет од 33.722.000 денари (околу 545.363 евра) и во тие рамки, како што рече, обезбедил целосно тековно и непречено работење.

„Досега Судот немал проблеми финансиски да ги покрие основните потреби коишто се предвидени“, потцрта таа.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 20.04.2015