/ Прочитано:

634

Уставниот суд минатата година оспорил 103 закони, а најмногу постапувал по граѓански иницијативи

Четврток, 7 март 2013 – Уставниот суд минатата година одржа вкупно 38 седници. Постапуваше по 335 иницијативи од кои се завршени 239. Најголемиот број од нив, 166 иницијативи се поднесени од граѓани, а се однесуваат на оспорувани закони. Уставниот суд следната среда ќе расправа за Законот за лустрација. 

Намален е бројот на примени предмети во однос на претходните години, но зголемен е бројот на барања за заштита на слободите и правата. Во текот на 2012 година Уставниот суд оспорил 103 закони и решил 27 од барањата за заштита на слободите и правата.

Меѓу другото,  претседателот на Уставниот суд, Бранко Наумовски информираше дека Законот за лустрација следната среда ќе се најде пред уставните судии.

Претседателот Наумовски се пожали на се уште ограничените кадровски и финансиски средства. Вкупниот буџет на Уставниот суд за 2012 година бил приближно половина милион евра од кои една петина е потрошена за платите на вработените во судот. Наумовски смета дека овие средства се премалку за нормално функционирање на оваа институција. 

„Уставниот суд е еден од ретките државни органи чиј буџет со години наназад е непроменет. Сепак, и покрај овие тешкотии успешно ги реализираме своите надлежности“, напомена Наумовски.

Претседателот ги негира сите обвинувања дека судот е продолжена рака на власта тврдејќи дека секој судија е одговорен за својата работа. 

„Јас сум еден од најстарите во овој состав. Можам да кажам дека има одредени отстапувања во образложенијата на одлуките и во некои ставови, промена на ставови на судот. Тоа го имало порано, може ќе го има и сега, некогаш подрастично, некогаш не толку изразено. Сепак, секој судија е самостоен и независен во своето одлучување. Одговорен е во рамки на надлежноста, водејќи притоа сметка и за севкупната одговорност на судот“, истакна Наумовски.