/ Прочитано:

2.183

УСТАВНИОТ СУД НА ИНИЦИЈАТИВА НА ДВАЈЦА АДВОКАТИ: Адвокатите регистрациони агенти имаат право на надоместок

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 35 ставот 7 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица. Судот смета дека адвокатите, како регистрациони агенти, треба да добијат соодветен надоместок за извршената услуга за упис на основање на трговец поединец и трговско друштво преку Системот за е-регистрација.

mladi-advokati-e1419587760658.jpg

„Извршената услуга за упис на основање на трговец поединец и трговско друштво преку Системот за е-регистрација, регистрациониот агент ја врши без надоместок и награда“, гласи оспорениот член 35 став 7 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица.

Александра Илиева-Милчова, адвокат од Скопје и Зоран Стојановски, адвокат од Тетово, се подносители на иницијативата до Уставниот суд за оспорување на посочениот член. Според подносителите на иницијативата, со оспорениот член 35 став 7 од Законот, адвокатот бил ставен во подредена положба и неовластено му се наметнувала должноста да ги извршува работите без надоместок, како да е вработено лице во Централниот регистар, што било спротивно на уставната определба за самостојноста и независноста на адвокатот.

Анализирајќи го Законот за адвокатурата и актите на АКРМ, Уставниот суд истакнува дека адвокатот во обезбедувањето на правна помош може да преземе голем број на разновидни дејствија за кои има право на награда и надомест на трошоците за извршената работа во висина определена со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

При тоа, според мислењето на Судот, доколку се ангажира регистрационен агент како подносител на пријавата за регистрирање во Централниот регистар во Системот на е-регистрација, кој има посебно решение за овластување за вршење на услугата за која имал и посебни трошоци, тој треба да добие соодветен надоместок. За ваквото свое решение, Уставниот суд се повикува и на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и на Европската социјална повелба во која е предвидено дека со цел да обезбедат вистинска примена на правото на правична заработувачка, страните договорнички се обврзуваат, покрај другото, да им го признаат правото на работниците на заработувачка доволна за да им обезбеди, нив како и на нивните семејства, пристоен животен стандард.

„Имајќи го предвид наведеното, Судот смета дека во конкретниов случај со основа може да се постави прашањето дали со исклучувањето од правото на надоместок и награда на регистрациониот агент за извршената работа законодавецот не ги надминал уставните овластувања, односно не ги довел во прашање наведените уставни одредби и одредбите од меѓународните акти со кои се гарантира правото на соодветна заработувачка. Ова особено ако се има предвид дека давањето на конкретните услуги спаѓа во корпусот на услуги што вообичаено ги даваат адвокатите и трговските друштва, за што остваруваат соодветна награда“, се вели во Решението на Судот.

Уставниот суд додава дека законодавецот не пропишал дека, наместо странката во чие име се дава услугата, државата ќе му исплати награда на адвокатот, односно на регистрациониот агент за стручната услуга што од него се бара да ја даде, имајќи предвид колку се строги условите за тоа кој може да биде регистрационен агент.

Освен поведувањето на постапката за членот 35 став 7 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, Уставниот суд не поведе постапка за членот 12-а.

АДВОКАТСКАТА КОМОРА И ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР: Адвокатите како регистрациони агенти се гаранција за правната сигурност и квалитетната правна услуга

Постапка за добивање на овластување „регистрационен агент“ – адвокат поединец и адвокатско друштво

Адвокатската комора за законските новини за адвокатите и адвокатските друштва како регистрациони агенти

Адвокатите ќе бидат овластени подносители на електронска пријава за основање, промени и бришење на трговските субјекти

ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ВО ИНТЕРЕС НА АДВОКАТУРАТА: Активности, предлози и констатации

М.В / veljanoskim@akademik.mk