/ Прочитано:

1.879

Уставниот суд на РМ го укина членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање

Членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој се однесува на урбанистичко-планска документација за градби од посебен интерес, беше укинат на вчерашната седница на Уставниот суд на Република Македонија.

Уставниот суд на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука со која го укина членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој се однесува на урбанистичко-планска документација за градби од посебен интерес, односно во согласност со ваквата одлука, се одзема правото на Владата на Република Македонија да одредува кои објекти ќе бидат од посебен интерес.

Инаку, во април Уставниот суд определи времена мерка за примената на оваа оспорена одредба, бидејќи, како што тогаш наведоа судиите, најспорно во одредбата е прашањето што е тоа посебен интерес и дали тоа може да значи можност за арбитрарност на Владата.

Во текот на изминатиот период, голем број невладини организации, архитекти и граѓани на Скопје силно се спротивставуваа на тоа објектите како што се: ГТЦ, Националната универзитетска библиотека, Македонска опера и балет, да добијат барокен изглед, бидејќи од страна на Владата беа прогласени за „објекти од посебен интерес за државата“.

Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“, кои беа и подносители на  иницијативата до Уставниот суд, односно бараа поништување на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, истакнуваат дека се задоволни од одлуката на Уставниот суд. Истовремено, нагласуваат дека со досегашните, 100-тина интервенции направени врз основа на член 50 од овој закон, направена е огромна деградација во урбанистичкиот концепт во Скопје, што според нив претставува неповратна штета.

Инаку, Уставниот суд на вчерашната седница едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 47 ставови 1 и 2, член 48 став 1 и член 49 став 1 од Законот за средното образование, кој е донесен во 1995 година и досега има претрпено многу измени, а ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 45-а ставови 11 и 13, член 45-в став 3 и член 46 став 1 од овој закон.

Судот, исто така, ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на формирање и работење на училишната комисија, тајноста на материјалот за екстерно проверување, начинот на проверување на тестовите од страна на училишната комисија, како и формата и содржината на извештајот од екстерното проверување во средните училишта, донесен од министерот за образование и наука на 22 април 2013 година.

Новата Влада пред еден месец го укина екстерното во основните и во средните училишта.

Уставните судии не поведоа постапка по иницијативата поднесена за член 30 став 4, член 54 став 4, член 55 став 2, член 56 став 3, член 68 ставови 2, 3 и 4, член 147 став 2 и член 153 став 7 од Законот за нотаријат.

А. Б.