26 ноември, 2013 10:51
paula
/ Прочитано:
Уставниот суд не усвои времена мерка за спорните одредби од Законот за лустрација
Вторник, 26 ноември 2013 – Уставниот суд не го усвои предлогот за изрекување на времена мерка за оспорените одредби од Законот за лустрација, објавува „Телма“.
Како главна причина за неможноста да се донесе ваква мерка е недоставувањето на стенограмските белешки од владината служба за општи и заеднички работи од подготвителната седница на Уставниот суд одржана пред седум месеци.
Уставниот судија известител за предметот Наташа Габер Дамјановска побара од Уставниот суд да ја изврши уставната должност и да изрече времена мерка со образложение дека за актуелниот закон, Уставниот суд има два пати одлучувано, за неговите контроверзи произјаснета е и Венецијанската комисија, а за голем дел од одредбите до ден денес не е дадено никакво толкување од надлежните институции.
Уставниот судија, Бранко Наумовски, ги повика судиите, како што рече, ако имаат совест и одговорност, да ја поддржат оваа мерка. Но, и покрај укажувањата на Габер Дамјановска и Наумовски, мнозинството судии одлучија да не донесат одлука за времена мерка за оспорените одредби од Законот за лустрација. Тие, дополнително ќе се произјаснат, а во меѓувреме, Комисијата за лустрација ќе продолжи да работи како и до сега, што значи дека ќе лустрира и починатите лица и наредбодавачи.