/ Прочитано:

3.702

Уставниот суд одлучи да го укине членот 44 став 2 во делот „најдоцна до 65 годишна возраст” од Законот за социјална заштита

Уставниот суд на вчерашната 38. седница одлучи да го укине членот 44 став 2 во делот „најдоцна до 65 годишна возраст” од Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021), по иницијатива поднесена од Александар Долгоски, од Прилеп и Институтот за човекови права – Скопје, преку Игор Спировски, адвокат од Скопје, Реферат У.бр.27/2020 и У.бр.289/2020.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.27/2020, поднесена од Александар Долгоски од Прилеп, оспорениот дел: „најдоцна до 65-годишна возраст”, бил спротивен на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 и ставот 2, членот 9, членот 10, членот 11, член 29 став 1, членот 34, членот 35, член 39 став 1, член 50 став 1 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите од 1 до 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација и членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, бидејќи оспорената законска содржина ја ограничувала можноста лицето да го оствари своето право на надоместок заради попреченост поради возраста.

Во иницијативата се цитираат дел од погоре наведените уставни одредби, стои повикување на подзаконски акти поврзани со претходниот Закон за социјалната заштита, со наводи дека во истите не се предвидувало никакво ограничување на право на надоместок заради инвалидност врз основа на возраста, како и дека ограничувачката норма со која се ограничувале основните слободи и права, не била во насока на постигнување на целта којашто требало да се постигне, поради што се бара нејзино поништување, како и времена мерка за запирање од извршување на оспорениот член од Законот до донесувањето на конечна одлука.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.289/2020, поднесена од Институтот за човекови права од Скопје, преку полномошникот Игор Спировски, адвокат од Скопје, оспорената одредба од член 44 став 2 во делот: „најдоцна до 65-годишна возраст” од Законот за социјалната заштита, создавала разлики помеѓу граѓаните по основ на возраста, која предизвикувала нееднакви можности од пристап до правата од сферата на социјалната заштита, конкретно правото на паричниот надоместок заради попреченост, а со тоа и нееднакви можности во поглед на користењето на самиот надоместок, независно од тоа што и едните и другите се наоѓале во иста ситуација на попреченост од член 44 став 1 од Законот, поради која тој надоместок и се обезбедувал, било таа попреченост да настапила пред 65-годишна возраст или по навршување на 65-годишна возраст.

Таквата законска уреденост доведувала до состојба, ниту едно лице со попреченост да не може да поднесе барање за остварување на право на надоместок заради попреченост по навршени 65 години, во споредба со лицата со попреченост кои се помлади од 65 години и кои можеле да остварат таков надоместок, следствено и да го користат до крајот на животот.