/ Прочитано:

1.954

Уставниот суд поведе постапка за членот 175 од Законот за електронските комуникации во врска со следењето на комуникации

Членот 175 од Законот за електронските комуникации, за кој Уставниот суд поведе постапка за уставноста и законитоста, е насловен „Следење на комуникации“ и во него се вели дека операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, во согласност со Законот за следење на комуникациите.

Операторите, се пропишува понатаму во оспорениот член, се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема, соодветен интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до овластениот орган за следење на комуникации, со цел да се овозможи следењето на комуникациите во нивната мрежа, во согласност со Законот за следење на комуникациите.

Исто така, во членот 175, меѓу другото,  се пропишува и обврска операторите да му овозможат на овластениот орган за следење на комуникации, следење на комуникациите во реално време. Информацијата за следената комуникација треба да биде на располагање веднаш по завршувањето на комуникацијата, а следењето на комуникацијата треба да биде непрекинато за цело време на нејзиното траење.

Операторите имаат обврска да обезбедат точно и еднозначно поврзување на информацијата за следената комуникација со содржината на комуникацијата која се следи и треба да обезбедат лицето чиишто комуникации се следат или друго неовластено лице да не забележи каква било промена во квалитетот на комуникациската услуга која може да биде предизвикана со примена на мерката следење на комуникациите. Функционирањето на следената комуникациска услуга треба да остане непроменето за лицето чиишто комуникации се следат.

Воедно, операторите треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чиишто комуникации се следат.

Уставните судии се сомневаат во уставноста на ваквите законски решенија за следењето на комуникациите, особено што, како што аргументираат дел од нив,  прислушувањето може да се спроведува само со судска наредба. Исто така, за повеќето уставни судии, членот е во спротивност со Уставот бидејќи овозможува неограничено следење на комуникациите од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање без соодветна контрола.

Во Уставот на Република Македoнија се гарантираат слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација. Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдени со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и на сите други облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката.

M.В