/ Прочитано:

1.258

Уставниот суд поведе постапка за членот 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување 

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

„Игор Спировски, адвокат од Скопје, како полномошник на Славко Размилиќ, Зорка Златановиќ, Јадранка Мршиќ и Димитар Пејчиновски, сите од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 230 од законот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека подносителите оствариле старосна пензија во определен износ, односно висина согласно Законот, но Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не им ја исплатува пензијата во тој реален, остварен износ, туку им исплатува пензија во износ на највисоката пензија утврдена според оспорениот член. Бидејќи врз основа на оспорената одредба целосната исплата на пензиите им се ограничувала, тие сметаат дека оспорениот член 230 од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 6, членот 9 и членот 30, во врска со членовите 34 и 35 од Уставот на Република Северна Македонија“, наведуваат од Уставниот суд

Судот на седницата, утврди дека според оспорениот член 230 од Законот, за осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во членот 52 став 1 од овој закон од просечната нето-плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати (став 1). Според ставот 2 на истиот член, определената највисока пензија од ставот (1) на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии.

Според Судот, ваквото законско решение, кое постои подолг временски период (од 2015 година), претставува прекумерно ограничување и лимитирање на сопственоста за кое не постои јавен интерес утврден во закон, кое нешто е спротивно на членот 30 став 3 од Уставот. Исто така, постои сомнение дека ваквото законско решение излегува надвор од рамките на членот 1 од Протоколот бр. 1, со кој се гарантира мирното уживање на „сопственоста“.

„Од друга страна, законодавецот во образложението на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување (подоцна објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 245/2018 од 28 декември 2018 година) констатира дека висината на пензиите има суштинска зависност од плаќањето на придонесите за пензиско осигурување, но го остава спорното законско решение непроменето и највисоката пензија останува лимитирана на начин утврден во оспорената одредба без да се има предвид дека основниот принцип на пензиско осигурување според којшто клучни варијабили за определување на пензијата се нејзината висина и уплатените придонеси.

Ваквото прекумерно ограничување не би можело да се оправда преку принципите на социјална правда и социјална сигурност, а како на државата ѝ стојат на располагање низа инструменти преку кои може да ги заштити овие темелни уставни вредности, наместо тоа да го прави на товар на оваа категорија на пензиски осигуреници. Оттаму, законското решение како прекумерно оптоварување не е разумно и оправдано и не е во доволна мера избалансирано“, посочуваат од Уставниот суд.

Впрочем, додаваат од Судот, и Европскиот суд за човекови права во Стразбур низ своите пресуди наведува дека за целите на членот 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права разликата во третманот е дискриминирачка доколку „нема објективно и разумно оправдување“, односно ако не ја остварува „легитимната цел“ или ако не постои „разумна врска на пропорционалноста помеѓу употребените средства и целта што треба да се реализира“.

М.В