Уставниот суд поведе постапка за Oдлука на Општина Битола според која во едно семејно домаќинство може да се чуваат до две кучиња
Уставниот суд по иницијативата поднесена од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ на денешната седница поведе постапка за членот 106 од Одлуката за комунален ред на Општина Битола, донесена од Советот на Општина Битола во 2012 година.
Во оваа Одлука, меѓу другото, е предвидено во едно семејно домаќинство да може да се чуваат до две кучиња. Од Уставниот суд истакнуваат дека никаде во законодавството не се пропишува дека во едно семејство може да се чуваат само две кучиња, па според тоа Одлуката е спорна од уставен и законски аспект, односно дека е во спротивност со уставните определби.
Инаку, во членот 106 од оспорената одлука, за која Уставниот суд поведе постапка, се пропишува и дека не е дозволено чување кучиња кои постојано лаат и завиваат и дека не е дозволено чување кучиња во згради и во нивните дворови, освен чување кучиња со педигре.
Во 2015 година, исто така, на иницијатива на Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, Уставниот суд го укина и членот 176 од Одлуката за комунален ред на Општина Штип, со кој се ограничуваа правата на станарите на зграда да чуваат кучиња.
Во укинатиот член се предвидуваше дека сопственикот на кучињата „е должен сместувањето и чувањето на кучињата да го уреди на начин што нема да пречи на мирот и спокојството на соседите“. За таа цел во Одлуката беше пропишано дека не е дозволено чување кучиња „со ќуд на постојано лаење и завивање“.
„За ваквото пропишување, според Судот, нема овластување ниту во наведениот, ниту во кој било друг закон во Република Македонија кој го уредува прашањето по однос на третманот и бројот на домашни миленици – кучиња кои можат да бидат чувани во едно семејно домаќинство“, беше образложено од страна на Уставниот суд.
Уставниот суд ја укина забраната за чување куче во зграда или куче што „постојано лае“
M.В