Уставниот суд поведе постапка за одлуките на Советот на Општина Валандово за референдумот за Казандол
Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на две одлуки за распишување референдум на локално ниво, донесени од Советот на Општина Валандово на 3 и 10 јули 2017 година. Одлуките се однесуваа на референдумот за експлоатација на минерални суровини од Казандол.
Судот смета дека одлуките за референдум се неуставни и незаконити бидејќи прашањето на концесии не е од локално значење за да може локалната самоуправа да распишува референдум.Подносител на иницијативата е поранешниот градоначалник на Општина Валандово Николче Чурлиновски.
Чурлиновски во јули минатата година го забрани референдумот за рудници во Валандово. Референдумот, кој беше дел од иницијативата „Спас за Валандово“, по тримесечни обиди за закажување, сепак, се одржа на 20 август, но не успеа бидејќи немаше доволна излезност.