/ Прочитано:

2.120

Уставниот суд поведе постапка за одредба од Законот за нотаријат и за Одлука за поништување на Одлука на Советот на Општина Центар

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за одредба од Законот за нотаријат со која е предвидено дека доколку нотарот не го положи стручниот испит за проверка на знаењето во предвидените рокови, односно на секои седум години, должен е во рок од 30 дена од одржувањето на стручниот испит да плати казна од 3.000 евра во денарска противвредност. Овие средства, како што е предвидено со Законот, ќе се уплатат на наменската сметка на Нотарската академија при Комората и ќе се користат само за стручно оспособување на нотарите во рамките на Комората.

По плаќањето на казната, како што е предвидено со Законот, нотарот се стекнува со право повторно да го полага стручниот испит за проверка на знаењето во рок од шест месеци по претходното полагање на стручниот испит за проверка на знаењето, а доколку нотарот не ја плати казната или повторно не го положи стручниот испит за проверка на знаењето, ќе биде поведена постапка за негово разрешување како нотар.

Оваа законска одредба е проблематизирана од Судот, бидејќи плаќањето на казната не е во согласност со владеењето на правото, а неполагањето на стручниот испит не смее  да биде основа за губење на звањето нотар.

Уставниот суд поведе постапка и по иницијативата поднесена од повеќе граѓани од Скопје за оценка на уставноста и законитоста на Одлука за поништување на Одлуката на Советот на Општина Центар од 22 март годинава за донесување на ДУП „Централно зеленило покрај реката Вардар – Јужен дел“ – Општина Центар-Скопје, која била донесена од Советот на оваа општина на 13.9.2012 година.

Од Советот на Општина Центар го поништуваат планот од 2012 година, за да важи тој од 2004 година, наместо да донесат нов урбанистички план. Од Судот појаснуваат дека Советот на општината нема надлежност да поништува донесени планови, туку да носи планови  во процедура во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Поништувањето на плановите го врши Уставниот суд или тој план престанува да важи со носење на нов урбанистички план.

М.В