/ Прочитано:

3.223

Уставниот суд поведе постапка за одредба од ЗОУП во врска со известувањето по пошта

Во ставот 1 од членот 77 од ЗОУП, кој се однесува на известувањето по пошта, се пропишува дека известувањето по пошта се врши по пат на обична или препорачана пошта. Секој документ што влијае врз роковите се испраќа преку препорачана пошта.

Во ставот 2 од членот 77, за кој Уставниот суд поведе постапка, се пропишува дека „Писмениот документ што е испратен по пат на препорачана пошта се смета дека е доставен на датумот кога е заверена потврдата за прием.“

Подносителот на иницијативата, Стамен Филипов,  во поднесокот прво ги цитира оспорените одредби од Законот и истакнува дека се нови и за првпат се воведени со Законот за општата управна постапка од 2015 година, кој влегол во сила во јули 2016 година, но според него тие биле неодржливи од уставноправен аспект.

Имено, не е јасно од каде и на каков начин лицето на кое се однесува документот ќе добие сознание дека за него од некој орган, во пошта, на конкретен доставен документ во однос на кој тој може или мора да презема процесни дејствија да вложува жалба или пак да постапи кон исполнување на обврската. Притоа, сметано од денот кога е заверена потврдата за прием, односно токму од тој датум за лицето течат роковите и нивното пропуштање може да значи губење на правата, ако тоа и не мора да има сознание за датумот кога е заверена потврдата за прием, што се однесува на него и на неговите права и обврски.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, направената анализа на наведените одредби од Законот за општата управна постапка наспрема наводите во иницијативата во однос на членот 77 став 2 од Законот, Судот оцени дека тие се основани.

Ова од причина што анализирајќи ги содржините на оспорените одредби произлегува дека доставувањето преку пошта се смета за уредно на датумот кога е заверена потврдата за прием, што според мислењето на Судот е правно нејасна и неиздржана норма, односно не е јасно дали таа заверка се однесува на заверка од страна на поштата или пак на лицето кое треба да го потврди приемот на писменото кое го доставува јавниот орган. Точниот датум на прием на писменото известување од страна на странката на кое се однесува известувањето има големо значење од причини што странката од тој датум може да презема процесни дејствија, да вложува жалба или пак да пристапи кон исполнување на обврската.

„Според Судот, неспорна е потребата на законодавецот да обезбеди сигурен начин на доставување и намалување на можните изигрувања на уредното доставување кога тоа е по пошта, оттука Судот смета дека оспорената одредба не е изведена докрај преку креирање на правно издржана норма, со која нема да остави простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските. Едноставно заради немање на сознание дека во поштата на конкретен датум за лицето е оставен акт врз основа на кој течат права и обврски, странката може да трпи последици кои би можеле да значат губење на права загарантирани со Уставот, поради што основано се постави прашањето за согласноста на членот 77 став 2 со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата“, посочуваат од Уставниот суд.

M.В