Уставниот суд поведе постапка за одредби од Правилата за снабдување со топлинска енергија
На иницијатива на Божна Гаговска од Скопје, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 54 од Правилата за снабдување со топлинска енергија.
Според подносителот на иницијативата, членот 54 став 1 со точките 1-9 од Правилата за снабдување со топлинска енергија не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 50 став 1 и член 51 од Уставот, член 8 од Законот за сопственост и други стварни права, член 24 став 1 точка 1 алинеја 15, член 30 став 1 и став 2 точка 4, член 158 став 1 и член 160 од Законот за енергетика, како и член 118 став 1 и член 119 од Законот за заштита на потрошувачите.
Пристапот на потрошувачот да користи јавна услуга бил премногу важен од аспект на заштита на човековите слободи и права и особено заштита на правото на сопственост. Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби од членот 54 став 1 точките 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Правилата не биле во согласност со Уставот и Законот за енергетика затоа што за потрошувачите создавале обврски за елаборат за енергетска ефикасност и за контролор за енергетска ефикасност.
Правилата за снабдување со топлинска енергија биле подзаконски акт, а со подзаконски акт не можело да се создаваат права и обврски за физичките и правните лица. Правилата имале спроведбен технички карактер и уредувале правила во рамките на овластувањата утврдени со закон, во случајов со Законот за енергетика.
Според Судот, основано може да се постави прашањето дали така пропишаните права и обврски за сопственикот на посебниот дел од објектот, со член 54 став 1 точки 2-9 од Правилата, ги надминува законските рамки за пропишување на права и обврски на потрошувачите во редовното користење на топлинска енергија во смисла на член 30 став 4 од Законот за енергетика.
Понатаму, според Судот, станува збор за пропишување на нови, посебни и специфични права и обврски на граѓаните, за прашања коишто не се дел од редовното користење на топлинската енергија, а пропишувањето на такви права и обврски за граѓаните со подзаконски акт, наместо со закон, води кон повреда на начелото на владеењето на правото, што уставно не е дозволено. Притоа, додаваат од Судот, треба да се има предвид дека и при пропишувањето на права и обврски за граѓаните со закон, што е негово уставно овластување, законодавецот е должен да води сметка граѓаните да бидат ставени во еднаква положба.
М.В