/ Прочитано:

1.089

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за безбедност и здравје при работа кои доведуваат до правна несигурност

Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на  Игорчо Точев од Кочани, поведе постапка за оценување на уставноста на член 45 ставови 6, 7 и 9 од Законот за безбедност и здравје при работа.

Во оспорениот став 6 од членот 45 од Законот е определено дека формата и содржината на барањето од ставот 5 на овој член ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот, но во ставот 5 од истиот член на Законот отсуствува какво било уредување во однос на ова барање. Во ставот 5 се определуваат рокови за поднесување на жалба од страна на барателот Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Во оспорениот став 7 од Законот, се посочува во решението на Судот, е определено дека трошоците за спроведување на постапката од ставот 3 на овој член паѓаат на товар на правното или физичкото лице. Во ставот 3 од членот 45 од Законот, пак, се определени ситуациите кога се одзема дозволата за работа, односно нема регулатива во однос на трошоците за спроведување на постапката.

Оспорениот став 9 од Законот определува дека податоците од евиденцијата на ставот 6 од овој закон се достапни на јавноста. Ставот 6 од Законот содржи овластување министерот надлежен за работите од областа на трудот да ги пропише формата и содржината на барањето од ставот 5 на членот 45 од Законот (ставот 5 уредува рокови за жалба). Оттаму, ставот 6 нема предмет на уредување поврзан со податоците од евиденцијата.

„Од вака направената анализа произлегува дека оспорените ставови 6, 7 и 9 од членот 45 од Законот упатуваат на правни институти кои не се предмет на уредување во нормата на кои се упатува (ставови 3, 5 и 6) што ги доведува под сомнение во однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи таквото несоодветно упатување доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика“, се вели во решението на Уставниот суд.

М.В