/ Прочитано:

1.110

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за комплементарна и алтернативна медицина

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина.

„Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина, според која осудуваноста на граѓанинот за одделни кривични дела е ограничувачки фактор лицето да врши дејност на КАМ практичар, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според Судот, со таквото ограничување се повредува уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничува правото на работа.

Имено, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на законот, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот“, посочуваат од Уставниот суд.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба на член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина не е доволно прецизна и јасна и не обезбедува правна сигурност на граѓаните, поради што се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот.

М.В