/ Прочитано:

2.045

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирањe

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка по Иницијативата за оценување на уставноста на член 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање во целост, а особено ставот 2 во делот: „посебен интерес“. Уставните судии определија и времена мерка за примената на оспорената одредба.

Оспорениот член 50 се однесува на урбанистичко-планска документација за градби од посебен интерес и во него се вели дека градба од посебен интерес за која ќе се изработи урбанистичко-планска документација се утврдува со Одлука од страна на Владата на Република Македонија.

Од Уставниот суд изразуваат сомнеж во уставноста на оваа одредба, подвлекувајќи дека проблематично во одредбата е прашањето што е тоа посебен интерес и дали тоа може да значи можност за арбитрарност на Владата.

„Нема јасни критериуми на кој начин се определува овој посебен интерес. Оттука на Владата ѝ се одврзани рацете сѐ што смета да определи дека е посебен интерес“, беше посочено на седницата на Уставниот суд, на која беа дадени и спротивни аргументи според кои Владата има дискреционо право да определи кои објекти се од посебен интерес и кои во рамките на планираниот простор со планови донесени од општините ја поминале комплетната постапка за нивно донесување во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

„Со овој член од Законот се нарушува принципот на поделба на власта и владеење на правото. Со оваа одредба ѝ се дава можност на Владата без јасно определени критериуми да определува градби од посебен интерес“, се наведува во Иницијативата за оспорување на членот поднесена од неколку невладини организации и граѓани.

М.В