/ Прочитано:

1.013

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за семејството за „мирувањето на постапката“

На иницијатива на адвокатот Александар Ристески од Скопје, Уставниот суд  поведе постапка за оценување на уставноста на членот 247 став 2 и членот 254 став 2 од Законот за семејството.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби биле во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, односно со принципот на владеењето на правото.

Ова од причина што оспорените законски одредби упатувале на непостоечки правни одредби од Законот за парничната постапка, што доведувало до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото од страна на субјектите кои биле засегнати со конкретната правна проблематика.

Во иницијативата се цитира содржината на двете оспорени законски одредби, според кои за недоаѓање на странките на наредните рочишта ќе се применат одредбите на Законот за парничната постапка за мирување на постапката.

Понатаму, се наведува дека во Законот за парничната постапка не постоел, односно ниту една одредба не предвидувала и не го уредувала правниот (поточно процесноправниот) институт „мирување на постапката“.

„Правниот институт ‘мирување на постапката’ постоел во 1992 година, односно во моментот на донесувањето на изворниот текст на Законот за семејството, врз основа на Законот за процесната постапка, којшто согласно со членот 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применувал како републички закон. Исто така, во Законот за парничната постапка постоел, односно бил уреден правниот институт ‘мирување на постапката’. Од ден 29.12.2005 година, односно од денот на престанокот на важењето на Законот за парничната постапка и почетокот на важењето на Законот за парничната постапка, во македонскиот правен поредок не постоел правниот институт ‘мирување на постапката’.“

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби и истите да ги укине како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Бидејќи оспорените одредби од Законот за семејството биле едни од најчесто користените процесни одредби пред македонските граѓански судови, се предлага Уставниот суд да издаде времена мерка и да ја запре нивната примена сѐ до завршување на постапката пред Уставниот суд по повод оваа иницијатива.

„Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека оспорените одредби од Законот за семејството, во делот на постапките во брачните спорови, упатуваат на примена на одредби од Законот за парничната постапка коишто не постојат во правниот поредок“, наведуваат од Уставниот суд

„Во однос на барањето во иницијативата, Уставниот суд да издаде времена мерка и да ја запре примената на оспорените законски одредби до донесување на конечна одлука, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, за прифаќање на ваквото барање“, додаваат од Судот.

М.В