/ Прочитано:

1.038

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за управната инспекција кои упатуваат на непостоечки член од ЗОУП

Уставниот суд на Република Македонија поведе  постапка за оценување на уставноста на член 21-а став 1, во делот „членот 293-а став 3“ од Законот за управната инспекција.

Според наводите во иницијaтивата, Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија бр. 124/15), има само 141 член, а со тоа може јасно и недвосмислено да се увиди дека член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција, во делот кој се однесува на членот 293-а став (3) од Законот за општата управна постапка не постои во правниот поредок на Република Македонија.

Во таа смисла, спротивноста на членот 21-а став 1 од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2007, 81/2007, 36/2011, 18/2013, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015, 152/2015, 53/2016 и 11/2018), во делот „членот 293-а став (3)“, со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија може да се види во тоа што во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми.

Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за таквото уредување да претставува една логична, правно-функционална целина, што не е случај во конкретниот случај.

„Во конкретниот случај член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција (Службен весник на Република Македонија бр. 24/2007, 81/2007, 36/2011, 18/2013, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 152/2015, 53/2016 и 11/2018), во делот ‘членот 293-а став (3)’, законодавецот навел член од Законот за општата управна постапка кој не постои во правниот поредок на Република Македонија, а со тоа, член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција, во делот ‘членот 293-а став (3)’ е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија“, велат од Уставниот суд.

М.В