/ Прочитано:

2.240

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за здравствената заштита кои ги ставаат во нееднаква положба здравствените установи

Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на член 60, став 3 од Законот за здравствената заштита.

Подносител на иницијативата за оценување на членот 60, став 3 од  Законот за здравствена заштита е Здружението на приватни лекари во Република Македонија, застапувано од адвокатот Грозданчо Сутинов од Велес.

Членот 60 од Законот за здравствена заштита се однесува на условите за основање, почнување со работа, вршење здравствена дејност и проширување на дејноста на здравствена установа. Членот 60 од Законот гласи:

(1) Здравствена установа може да се основа, да почне со работа, да врши здравствена дејност и да ја прошири дејноста, ако се исполнети следниве услови:
– да има во работен однос на неопределено време со полно работно време определен број здравствени работници во зависност од видот на здравствената дејност, односно специјалност,
– да има во работен однос на неопределено време со полно работно време одговорен носител на здравствената дејност за вршење на определен вид здравствени услуги во зависност од видот на здравствената дејност, односно специјалност и
– да има простор и опрема за вршење на определен вид здравствена дејност, односно специјалност.

(2) Здравствените работници од ставот (1) алинеи 1 и 2 на овој член мора да поседуваат соодветна лиценца за работа, во зависност од видот на здравствената дејност, односно специјалност.

(3) По исклучок од ставот (1), алинеја 1 на овој член, во случај на основање приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита или формирање нов тим во постојна приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита која дејноста ја врши во простории на јавна здравствена установа врз основа на договор за закуп на простор склучен во согласност со овој закон, избраниот лекар или стоматолог, односно нововработениот доктор на медицина или доктор на стоматологија може самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска, односно стоматолошка сестра во тимот, но не подолго од 24 месеци од основањето на приватната здравствена установа, односно од формирањето на новиот тим, сè додека докторот на медицина или докторот на стоматологија во приватната здравствена установа не го изберат како избран лекар или избран стоматолог 700 пациенти, по што постои обврска да се комплетира тимот.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот став 3 од членот 60 не бил во согласност со слободата на пазарот и претприемништвото, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, поради тоа што ги ставала во нееднаква положба лицата кои основаат приватна здравствена установа (ПЗУ) со склучување на договор за закуп на простор во постојните јавни здравствени установи, во однос на оние лица коишто ќе основаат ПЗУ надвор од јавните здравствени установи.

Според оспорената законска одредба, по исклучок од ставот 1, алинеја 1 на овој член, во случај на основање приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита или формирање нов тим во постојна приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита која дејноста ја врши во простории на јавна здравствена установа врз основа на договор за закуп на простор склучен во согласност со овој закон, избраниот лекар или стоматолог, односно нововработениот доктор на медицина или доктор на стоматологија може самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска, односно стоматолошка сестра во тимот, но не подолго од 24 месеци од основањето на приватната здравствена установа, односно од формирањето на новиот тим, сè додека докторот на медицина или докторот на стоматологија во приватната здравствена установа не го изберат како избран лекар или избран стоматолог 700 пациенти, по што постои обврска да се комплетира тимот.

Во иницијативата се наведува дека во самиот закон не биле дадени исти услови, начин и други подробности за да можат да се стават во еднаква положба избраните лекари коишто се основачи на ПЗУ со закуп на деловни простории во рамките на јавните здравствени установи, со оние ПЗУ коишто се основани надвор од јавните здравствени установи, што претставувало ставање во нееднаква положба и повреда на еднаквоста на сите граѓани во Република Македонија, поради што оспорената одредба била неуставна.

„Вака поставената одредба од Законот ги ставала во нерамноправна положба граѓаните или основачите на здравствените установи во просториите на јавни здравствени установи, со оние што основаат или ќе основаат здравствени установи надвор од јавните здравствени установи, односно во приватен деловен простор, кои основале ПЗУ со сопствени средства, инвентар и простор, што укажувало на деградирање и ставање во нерамноправна положба споредено едни со други. Со оспорената законска регулатива се повредувала слободата на работењето, односно директно се повредува уставно загарантираното право дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“, нагласуваат приватните лекари во иницијативата.

Со ваквата регулатива, смета Уставниот суд, се доведуваат во нееднаква правна положба здравствените установи кои вршат дејност од примарна здравствена заштита и се повредува уставната гаранција на слободата на пазарот и претприемништвото.

Исто така, се повредува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, која е уставно загарантирана, а се повредува и начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

„Произлегува дека овие приватни здравствени установи, во однос на условите за основање и почнување со работа, добиваат поинаков, привилегиран третман од јавните здравствени установи, но и од другите приватни здравствени установи од примарна здравствена заштита кои дејноста ја вршат во простории надвор од просториите на јавна здравствена установа, односно во приватен деловен простор, за кои остануваат да важат условите од член 60, став 1, алинеја 1 од Законот: да има во работен однос на неопределено време со полно работно време определен број здравствени работници во зависност од видот на здравствена дејност, односно специјалност. Произлегува дека видот на сопственоста на просториите каде што се врши дејноста е клучна за тоа кои и какви услови се потребни за вршење на примарна здравствена заштита, а не исполнувањето на условите во однос на персоналот и опремата, за што според Судот нема оправдување“, истакнуваат од Уставниот суд.

М.В