/Прочитано:

1.940

Уставниот суд поведе постапка за Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела

По иницијатива на Владимир Клековски од Скопје, Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела.

Според наводите во иницијативата, оспорениот правилник не бил во согласност со член 8, став 1 ,алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, се наведува во иницијативата, беа извршени суштински измени во постапката за донесување на тарифата, како и изменување на основите за определување на надоместоците, поради што било неопходно донесување во законски определениот рок нови подзаконски акти кои би биле усогласени со новите законски измени.

Меѓутоа, во иницијативата се наведува дека Здружението за авторски и музички права во предвидениот рок не ги усогласило актите и работата со одредбите од Законот (носење нова тарифа усогласена со Здруженијата на корисниците, Комисијата за посредување и Владата) поради што подносителот на иницијативата смета дека понатамошното егзистирање на оспорениот правилник не е во согласност со Уставот на Република Македонија – начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8, став 1, алинеја 3, како и начелата на уставност и законитост предвидени во членот 51 од Уставот.

„Поаѓајќи од начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, како и од начелата на уставност и законитост утврдени во член 51 од Уставот, според Судот, основано се постави прашањето дали оспорениот правилник и тарифа можат и понатаму да егзистираат во правниот поредок, имајќи ги предвид наведените измени во Законот за авторското право и сродните права кои предвидуваат овие акти да се носат во изменета постапка, а исто така и поради тоа што во законот се утврдени прецизни рокови за усогласување на подзаконските акти со законот, кои рокови се одамна поминати. Во вакви околности, Судот оцени дека натамошното егзистирање на оспорениот акт во правниот поредок е спротивно на начелото на владеење на правото, поради што оспорениот правилник во целина не е во согласност со одредбите од член 8, алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија“, се вели во решението на Уставниот суд на Република Македонија.

M.В