/ Прочитано:

966

Уставниот суд поведе постапка за законските одредби за избор на претседател на Судскиот совет

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија. Од Уставниот суд посочуваат дека е поведена постапка за уставноста на членот 8 ставот 3 во делот: „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија.“

Членот 8 од Законот за Судскиот совет се однесува на изборот и мандатот на претседателот на Судскиот совет.

Избор и траење на мандатот на претседател на Советот

Член 8

(1) Со работата на Советот раководи претседател.

(2) Претседателот на Советот има заменик, кој го заменува во негово отсуство.

(3) Претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите на Советот со право на глас, кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија.

(4) Претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат со најмалку осум гласови од членовите со право на глас.

(5) Мандатот на претседателот на Советот и на заменикот претседател на Советот трае две години без право на повторен избор.

Според прописите, Судскиот совет е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите. Советот е составен од 15 члена, од кои тројца членови на Советот ги избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Вчера Судскиот совет ја избра Павлина Црвенковска за нов претседател на Советот. Црвенковска за член на Судскиот совет минатата година беше предложена од страна на собраниската Комисија за изборите и именувањата и потоа беше избрана од страна на Собранието.

Павлина Црвенковска едногласно избрана за нов претседател на Судскиот совет

Судскиот советник Павлина Црвенковска нов член на Судскиот совет

М.В