/ Прочитано:

7.147

УСТАВНИОТ СУД: Противуставно е да се прекине снабдувањето со вода за пиење кога корисникот не ја исполнува обврската за плаќање

Уставниот суд го укина членот 33 ставот 1 и ставот 4 во делот: “…овите (1) и” од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води.

Укинатиот став 1 од Законот гласеше: „Давателот на услугата има право да го прекине снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбаните отпадни води, во случај кога корисникот на услугата и по претходна писмена опомена не ја исполнува обврската за плаќање на надоместокот.“

Водата како добро од општ интерес за Републиката, посочуваат од Уставниот суд,  ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со закон и истата е комунална дејност од јавен интерес.

Судот утврди дека со оспорениот став 1 од членот 33 од Законот за снабдување на вода за пиење и одведување на урбани отпадни води се повредуваат, односно ограничуваат основните права на човекот и граѓанинот, а тоа е правото на користење на основното средство за живеење, водата, којашто според наведените законски одредби е добро од општ и јавен интерес, како и достоинствен начин на реализацијата на граѓанинот на неговото право и должност да го чува и да го унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според Судот, со предвидената законска можност давателот на услугата да може да го прекине снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбаните води во случај кога корисникот на услугата и по претходна писмена опомена не ја исполнува обврската за плаќање на надоместокот, се доведува под сомнение уставноста на членот 33 ставот 1 од Законот визави одредбите од Уставот коишто се однесуваат на основните слободи и права на граѓанинот предвидени во членовите 10 и 11 од Уставот, како и социјалните права предвидени во членот 34 и членот 39 став 2 од Уставот.

Понатаму, според Судот, при уставносудската оцена на оспорената одредба од Законот треба да се има во вид и членот 5 став 2 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води во корелација со одредбите од Законот за облигационите односи.

„Според член 5 став 2 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, за снабдување со вода за пиење со зафаќање, обработка и дистрибуција на водата преку водоснабдителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата, давателот на услугата и корисникот на услугата склучуваат договор со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски.

Согласно член 17-б од Законот за облигационите односи, како еден од основите за настанување на обврските претставува склучувањето на договорот помеѓу давателот на услугата и корисникот на услугата со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски.

Од анализата на законските одредби, според Судот, јасно и недвосмислено произлегува дека во случајов станува збор за чист облигационоправен однос, каде што се уредени правата и обврските на странките на тој договор, па во случај на неисполнување на истите, односно на одредени утврдени обврски на кои странките со склучувањето на договорот се согласиле, надлежност за решавање на неисполнување на договорот има редовен парничен суд, што значи дека е предвидена судска заштита. Оттука, егзистирањето на оспорениот став 1 на членот 33 од Законот за снабдување со вода и одведување на урбани отпадни води, според Судот, само доведува до правна несигурност на граѓаните и истовремено повреда на темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија – владеењето на правото, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот“, образложуваат од Уставниот суд.

М.В